Мицевски: Законот за нов Клинички центар ќе биде блокиран сѐ додека власта не разговара за тоа со опозицијата

Власта единствено што прави во овие изминати четири години е изнаоѓање на решенија за некои сомнителни јавни набавки, тендери и коруптивни скандали коишто излегуваат секој ден се повеќе и повеќе, како и обвинување на опозицијата за блокада на Собранието. По се изгледа терминот „блокада на Собранието“ им стана како еден лајтмотив на целата владејачка гарнитура, а суштината и состојбата во Собранието е малку поразлична од тоа, изјави Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Точно е дека законот за Клинички центар е блокиран и има причина зошто е блокиран и ќе биде блокиран се до моментот додека тој предлог закон од 35 листови со коишто бараат да потрошат пола милијарда евра не го поправат и исправат и не седнат со опозицијата да разговараат за тоа. Да ве потсетам, во 2017 година министерот Филипче во оваа сала заедно со сите членови на Комисијата за здравство и сите пратенички групи, презентираше проект дека ќе почне да се гради Клинички центар. Тоа беше во 2017 година. Ние сме на средината на 2021 година, „К“ нема од клинички центар – вели Мицевски.

Тој додаде дека за другите обвинувања за законските решенија, законот за служба во Армијата има одредени забелешки за коишто имало реакција од одредени групации на пензионирани офицери, на луѓе коишто работат сѐ уште во Армијата и дека тие поднеле четири суштински амандмани коишто не сакала ни министерката, ни целокупното владејачко мнозинство да ги прифати.

– Морам да напоменам дека таков ист закон, комплетно ист закон, со 4-те забелешки вметнати од наша страна е во собраниска процедура и за жал на денешната седница истата таа власт којашто не обвинува за блокада, не го става овој закон како точка на дневен ред, а во неа се опфатени сите поволности коишто ги имаат и професионалните војници во однос на добивање на одредени средства, некаде околу 1.000 евра по основ на година работен стаж во случај на пензионирање и неможност државата да им најде вработување на истите. Доколку сакаат да помогнат на граѓаните, редно е да го прифатат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Таму освен четирите забелешки кои ги споменав, нема други забелешки – вели шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За образованието, тој вели дека веќе два дена е закочена работата на Комисијата за образование затоа што претседателката на Комисијата и владејачкото мнозинство не сакаат да стават точка на дневен ред.

– Тоа се заклучоци од Јавната расправа по однос на образованието којашто се одржа во Собранието и за којашто имаше голем интерес, меѓутоа очигледно дека она што го слушаа од присутните академски професори, луѓе од фелата, луѓе коишто работат на таа проблематика, не им беше баш симпатично и прифатливо за нив. Така да повторно сакаат да ја обвинат јавноста, целата транспарентност и процедура во Собранието и да продолжи министерката Мила Царовска со нејзините реформи коишто се апсолутно неприфатливи за широката македонска јавност и за фелата, од она што доаѓа како реакција до нас – рече Мицевски.