Мицкоски: Aко е ВМРО-ДПМНЕ историскиот сопатник на Македонија, УМС е енергијата која го движи 

Aко е ВМРО-ДПМНЕ историскиот сопатник на Македонија, Унијата на млади сили е енергијата која го движи ВМРО-ДПМНЕ, истакна вечерва во своето обраќање на прославата од 31-от роденден на УМС лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Оваа година се навршуваат точно 31 година од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва сме тука да го потврдиме и одбележиме значењето на оваа структура, која 31 една година е сопатник на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот најдобар чувар и следбеник“, рече Мицкоски.

„И секој член на ВМРО-ДПМНЕ е посебно врзан за оваа структура, затоа што во нашата партија редот е да се започне токму во УМС, прво да се запознае со сонот на ВМРО, потоа да се изнедри во човек кој ќе стои зад националните и државни интереси, да учи од повозрасните, да ги слуша раскажувањата пренесувани низ поколенија за тоа колку скапа и жестока била борбата за Македонија, дека за ова парче земја гинеле луѓе со храбри срца, луѓе кои биле движени од сон, идеја и челична волја. Но УМС од секогаш било и место каде човек може да го вложи својот потенцијал, да ја вгради својата енергија и заеднички да градиме визија. Визија која ќе е нашата заедничка иднина, визија која ќе е нашиот дом, нашето парче надеж за кое вреди да се бориме“, додаде Мицкоски.

Потсети дека Унијата на младите сили минувала во минатот низ многу искушенија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, а партијата секогаш била во првите редови за татковината и не само кога требало борба, туку и кога требало да се гради и да се создава.

„Затоа велам, ако е ВМРО-ДПМНЕ историскиот сопатник на Македонија, Унијата на млади сили е енергијата која го движи ВМРО-ДПМНЕ. И таа енергија е неуморната сила која носи промени, расадникот од кој доаѓаат идеите, од кој следат генерациите кои создаваат движење и прогрес“, посочи Мицкоски.