Мицкоски: Албанците се разочарани од лагите и политиките на СДСМ

Албанците во Македонија не се така среќни како што некој сака да ги прикаже, разочарани се од политиките и лагите од страна на СДСМ, рече во текот на вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Опозицискиот лидер посочи дека во однос на иселувањето на албанското население од селата и градовите ширум Република Македонија, не се причина националните подгревања, туку слабата економија и неработењето на сегашната власт.

Видете, албанците не се иселуваат од нивните села поради тоа што некој ги инволвира во некакви етнички подгревања, туку луѓето се селат поради тоа што не гледаат перспектива, не гледаат подобрување. Едноставно секој веќе го чувствува неработењето на СДСМ и коалицијата. Албанците не се баш така среќни како што сакате да ги прикажете. Јас сум во честа комуникација со професори, пријатели албанци кои ја кажуваат суровата реалност, рече Мицкоски.

Според него, Албанците во Макдонија како и сите граѓани сакат да видат држава во која напредуваат и на личен план и ќе остварат благосостојба за себе и своите семејства.

Албанците мора да знаат која е вистинската страна. Тука не станува збор за ниски етнички емоционални кошкања, туку Албанците сакаат да видат просперитетна држава во која ќе можат да ги школуваат своите деца, да работат, да творат. Тоа во моментов го нема, но ВМРО-ДПМНЕ никогаш не работело само на одредени групи на граѓани, туку на сите кои живеат во Република Македонија без оглед на нивната етничка или верска припадност, заврши Мицкоски.