Мицкоски: Јанева ме уценуваше да гласам за СЈО за да ми го одмрзне имотот

Имам сведочења од пратеници коишто практично биле предмет на обработка на Катица Јанева во процесот на уставните измени. Подготвени се да го потврдат тоа секаде, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски..

Секој што се огрешил пред законот и сторил кривично дело низ една фер транспарентна судска постапка треба да биде докажано и да има осудителна или ослободителна пресуда. Секој политичар што се одлучил да се заканува, да притиска новинари, медиуми итн. исто така треба да сноси одговорност – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за неделникот Фокус.

Во продолжение дел од интервјуто:

ФОКУС: Во објавените „бомби“ имаше доволно индиции за корупција, но сето тоа беше негирано од ВМРО-ДПМНЕ. Иако таквите девијации многу новинари ги регистираа, а и „Фокус“ ги има истражувано. Зошто постојано сметате дека тоа се политички мотивирани?

МИЦКОСКИ: Знаете зошто? Затоа што Специјалното јавно обвинителство, коешто требаше да биде резултат на тој процес каде што беа објавувани тие нелегално снимени материјали, и како таков тој резултат требаше да гарантира правда, почитување на законите, уставот на оваа држава. И мојот одговор сега ќе го поделам, покрај овој вовед, во два дела. За првиот дел еве ќе ви дадам пример, да излезеше притвореничката сега, а тогаш специјален јавен обвинител Катица Јанева и да каже отпочнавме предистрага за Христијан Мицкоски. Но, од ова што до сега го имаме како материјал прибавено констатираме дека нема потреба и нема индиции за истраги и за обвинение и да го затвори случајот. Втор случај. Повторно пресконференција – отпочнавме предистрага за Христијан Мицкоски и врз основа на ова што го констатиравме има услови да предистагата премине во истрага, а потоа ќе ја информираме јавноста дали од таа истрага имаме доволно докази за обвинение или немаме. Трет пример. Отпочнавме истрага којашто се базира на предистрагата за Христијан Мицкоски и констатиравме дека имаме докази за сторено кривично дело и го поднесуваме обвинението за тоа и тоа сторено кривично дело.

ФОКУС:Алудирате на транспарентноста во објавување на осомничени, а потоа нема информации за текот на истите?

МИЦКОСКИ: Не може специјалниот јавен обвинител секогаш на пресконференија да излегува и да лицитира со имиња и да нарушува пресумпција на невиност и практично да ги осудува луѓето, а притоа да не ја информира јавноста дали имаме предистрага или истрага… не може во сѐ да има криминал. Мора да постојат докази за некаде каде што нема сторено криминал. Што значи дека се изгуби објективноста. Понатаму, имам сведочења од пратеници коишто практично биле предмет на обработка на Катица Јанева во процесот на уставните измени. Подготвени се да го потврдат тоа секаде. Јас лично бев жртва на нејзина уцена кога Катица Јанева во нејзината канцеларија ме уценуваше да гласам за СЈО за да ми го одмрзне имотот. Тоа е трговија со правото и конечно на крај, сведоци сме на најголемиот скандал во поновата историја на Република Македонија „Рекет“, каде што со очи македонската јавноста можеше да ги види парите во куферот и да ја слушне Катица Јанева дека се ќе било ОК. Зарем вие мислите дека овие, Бојан Јовановски, Катица Јанева и останатите учесници сами можеле ова да го направат? Јас ви гарантирам…

ФОКУС: Ќе покаже истрагата или не верувате во тоа?

МИЦКОСКИ: Јас ви гарантирам ако истрагата е објективна, а до сега гледаме дека е се само не е објективна, бидејќи ако случајот бил пријавен до премиерот од страна на жртвата во месец мај, а ние ги имаме приведувањата во август, па ни требаше Катица Јанева да се врати од сончање од плажите кај нашиот јужен сосед и да ги уништи телефоните, односно форензички да ги избрише, самото тоа реферира дека ние денеска немаме честита и непристрасна истрага. Но, еве, да речеме дека истрагата ќе се води како што треба, тогаш ќе видите дека ниту „Лобутин“ кондурчињата биле за бадијала, ниту, пак, оние спектакли што ги организираше Меѓународниот сојуз. Па, видете има ли поголема потврда од следнава какафонија. Излегува онаа жена, ќе ми простите ѝ го заборавив името, вели дека Силјан Мицевски за идејата ѝ платил 720.000 евра, а Силјан Мицевски пред суд дава изјава за медиумите дека он не ги дава на жената, туку ги префрлил на сојузот.