Мицкоски бара итен пакет антикризни мерки за заштита на здравјето и бизнисот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска порача дека е неопходно прогласување на кризна состојба кај нас за да може да се преземат итни и неодложни мерки.

Тој на прес-конференцијата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ рече дека состојбата со справување со коронавирусот бара максимално ангажирање на сите стручни и кадровски потенцијали, но и посветеност од сите одговорни субјекти.

– Не е сега времето за меѓусебни пресметки или добивање на ситни политички поени. Мораме да бидеме свесни за неколку работи. Реалноста налага да се предочи дека имаме сериозен предизвик за заштита на здравјето на граѓаните и ни престои голема економска криза, рече Мицкоски.

Додаде оти треба брзо да се реагира за заштита на бизнисот, стандардот на граѓаните и целата економија.

– Вчера предложивме антикризни мерки за заштита на здравјето и помош на бизнисот и ги ставивме на располагање нашите кадровски потенцијали. Разочаран сум што поминаа 24 часа и ниту еден владин претставник не пројави интерес за понудената помош и предложените мерки. Што значи дека само сопствената промоција е важна и дека не станува збор за грижа за заштита на граѓаните, туку исклучително само сопствената промоција, наведе Мицкоски.

Тој предложи итно замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со коронавирусот за месец март, замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на коронавирусот, како и државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со коронавирусот во висина од 50-тина проценти.

Во делот на здравјето на граѓаните, тој предложи да се спроведе итна национална набавка на антисептични средства, државата, односно Владата да обезбеди бесплатни маски и ракавици за граѓаните и да се формира стручно тело, од посебен тим на експерти, засилено од постојните државни институции кои ќе прават строга контрола на евентуалните злоупотреби на дефинирање на високи цени за продажба на маски, антисептични средства и други потреби во врска со оваа состојба.

– Предупредувам дека очекуваме од Владата да излезе со името на компанијата која што брутално го злоупотреби здравјето на граѓаните и беше профитерски настроена, наместо да се грижи за здравјето на граѓаните. Во спротивно ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе излеземе во јавноста со доказ, рече Мицкоски.

Додаде дека треба да се обезбедат бесплатни средства за заштита на работниците под висок ризик од коронавирусот, и посочи оти освен здравствените работници, под ризик се и работниците во градилиштата, работниците во јавниот сообраќај, шалтерските работници, вработените во продавниците, новинарите, снимателите и други професии чија што работа подразбира контакт со лица.

– Неопходно е редуцирање на работата на државната администрација. Удвојување на човечките капацитети на работа во здравствените установи непосредно задолжени за справување со последиците од коронавирусот. Овозможување на отворена 24 часа линија за консултации и прашања поврзани со вирусот. Оправдано владее паника и страв кај граѓаните. Формирање на посебно државно контролно тело чија единствена задача ќе биде надзор и контрола на примената на превентивните мерки, наведе Мицкоски.

Тој посочи дека бараат сеопфатна акција и итна примена на предложените мерки и оти продолжуваат континуирано да ја следат состојбата,.

– Нашите партиски тимови во делот на здравството и во делот на економијата ќе бидат во постојано заседавање и деновите што следат на дневна основа ќе ја информираме македонската јавност за предлозите кои што ќе ги презентираме и очекуваме конечно Владата наместо да се грижи за промоција, да се грижи за интересите на државата и здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.