Мицкоски: Бараме предвремени, бидејќи Заев сака да ги украде претседателските избори (ВИДЕО)

Тој најавува дека ќе стори се што може за да го поништи процесот на уставни измени кои доведоа до промена на името на државата.

71

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Радио Слободна Европа“, вели дека премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев сака да ги украде претседателските избори, затоа, додава тој, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени парламентарни избори.

Тој најавува дека ќе стори се што може за да го поништи процесот на уставни измени кои доведоа до промена на името на државата. Сепак, не прецизира кои се следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ќе видите кои ќе бидат чекорите и ќе видите кои процеси ВМРО-ДПМНЕ ќе ги промени во иднина. Така што јас би бил навистина внимателен, ја разбирам потребата од откривање сензационализми предвреме. Но јас би бил внимателен навистина во чекорите кои се одат еден по друг – вели Мицкоски.

На прашањето дали тоа значи повторна измена на Уставот или пак дека нема да го почитуваат Уставот, бидејќи уставните измени се веќе донесени и ќе стапат на сила, Мицкоски одговара дека ниту процес во историјата не е еднонасочен, сите процеси во историјата искуството вели дека биле реверзибилни.

„Прашање на време е кога повратната врска ќе се реализира. Така што важно е претходно да се случат некои други процеси, па дури потоа ВМРО-ДПМНЕ ќе може пред граѓаните на Република Македонија да го спроведе ова што ние денеска го разговараме и она врз основа на што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради идната своја политичка доктрина. Ние сме партија којашто е непосредна, партија од народот, од граѓаните, партија која што е честита, искрена и принципиелна. Ние не можеме да ветуваме нешто што не можеме да оствариме. Ние не можеме истовремено да бидеме патриоти во топлинки дома пред компјутери и да пишуваме статуси на социјалните мрежи, ниту пак ќе зборуваме она што граѓаните сакаат да го слушнат. ВМРО-ДПМНЕ може да вети, јас можам да ветам дека откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, ќе сторам сè што е во моја моќ процесите да ги изменам”, изјави тој.

Skin Delight