Мицкоски: Брутално сум искрен, на работ сме да не успееме! Заев, на која земја славиш независност на „8 Септември“?

„Овој свечен настан се случува во предвечерието на деновите кога се слави 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија. А Македонија не заборавајте е нашето се. Нашата вера, нашата љубов, и денот, и ноќта. Нашата муза, и нашата мајка. Тоа е она што сме ние самите, нашето семејство, нашата челат. И затоа не е сеедно, и затоа боли, боли до срцето кога гледаме што и прават на нашата татковина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ по повод одбележувањето на „8 Септември“.

Мицкоски истакна дека „8 Септември“ не е почетокот, туку продолжението на една славна борба, борба за слобода.

„Кога ќе речам „8 Септември“, мислам и на ВМРО и на Илинден и на АСНОМ, на сите славни јунаци од нашата историја кои живееја, се бореа, оставаа семејства и се жртвуваа за една цела слободна автономна Македонија.

„8 Септември“ се идеалите и на Гоце, на Питу, на Даме, на Ѓорче. Тоа е и пркоста на Александров, но и љубовта на Прличев и Мисирков. Тоа е преданоста на Шатев и Панко, на Ченто, но и сонот на Драган Богдановски. 8 Септември е и на комитите и на партизаните, на мудрите луѓе на ВМРО, но и на СДСМ, оние кои веруваат во Македонија и се колнат во ова парче земја.

„8 Септември“ е на Македонија. И тоа не треба никој да го заборави, без разлика на која политичка партија доаѓа. Дали било тоа ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, НДП, ПДП, ДУИ, Алијанса или било кој, сите вие и должите се што сте постигнале во вашите животи на ова парче земја Република Македонија.

Никој не треба да сонува за туѓи големи држави, ова е домот кој ним им пружил се, ова е земјата која што ги израснала, школувала и ги направила тоа што се, единствена Република Македонија“, нагласи Мицкоски.

Во продолжение на говорот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека сите тие имале сон, а генерациите по 8 Септември имаат обврска да го остварат тој сон.

„И после 28 години своја независна држава, вистинското прашање е дали успеавме да изградиме држава каква што сонувавме, каква што сакавме и во каква сакаме да растат нашите деца? Ќе бидам она што секогаш сум, брутално искрен. Ќе кажам дека сме на работ да не успееме!“, констатираше Христијан Мицкоски и додаде:

„Да, тоа е болната вистина на раб сме да не успееме, затоа што станавме криминализирано општество, држава со каста на одбрани луѓе кои владеат со нашата земја и управуваат со човечки судбини. Вистината е дека Македонија ја има се помалку во секој поглед. Апатија и депресија владеат кај луѓето кога гледаат дека за овие 28 години не успеавме да се изгради механизам кој ќе гарантира правда, законитост и чесност. И тука не сакам да амнестирам никого кој се огрешил кон овој народ и Република Македонија. А Бога ми ги има доста такви. Но имам полно легитимно право жестоко да ги критикувам овие сега кои се на власт, затоа што нивното ветување беше дека ќе имало живот. А гледаме дека живот има се помалку, а пекол се повеќе. Во овие последни три години имаме украдена и одземена држава. Народoт не чувствува дека е заштитен од сопствената држава, се отиде дотаму да се чувствуваат како кираџии во сопствената куќа.

Вчера гледам еден спот направен од владата насловен боите на независноста, 45 секунди каде се збори дека ќе се слави независноста, но ниту еднаш, ниту еднаш, никаде не се споменува зборот Македонија. Зарем стигна дотаму да не стигнатизираат нас, зарем стигна дотаму да не замолчуваат нас, коишто громогласно ќе го кажуваме зборот Македонија. Па дури ова не било ни во времето на најтврдокорните комунисти, оние коишто забрануваа самостојна и независна македонска држава. Тие кои што се бореа за таа ги праќаа на Голи оток. Денеска секој оној кој што ќе крене глава и ќе се бори за сопствената правдина и кој, не дај Боже, ќе има опозиционо мислење завршува во прегратките на Реџепагиќ и Русковска, а потоа се знае каде, во Шутка во истражниот затвор во притвор. Тоа време кое мислевме дека завршило, овие потомците на истите тие комунисти кои што ги судеа нашите патриоти кои што се бореа за нашата држава Македонија, денеска ги судат сите оние кои што имаат опозиционо мислење, сите оние кои што денеска кои што не се милувачи на ликот и делото на Зоран Заев туку наоѓаат храброст да го критикуваат. Или, пак, вториот чекор е, се знае, кривична пријава, куќен притвор или нешто друго“.

Мицкоски јавно го праша Зоран Заев за овој срам, како што рече, голем срам, чива независност слави?

„На која земја се славиш независност на „8 Септември“, ама да одговориш и што одлучија граѓаните на тој 8 септември? Зарем толку е тоа страшно, зарем толку е тоа тешко да се каже дека на тој 8-ми септември огромно мнозинство граѓани одлучи да гласа и да живее во независна и суверена Република Македонија?“, праша Мицкоски.

Во оваа насока Мицкоски посочи дека мисли и на егзодусот што постепено ја замира Македонија.

„Кога одговорам на прашањето дали успеавме овие 28 години, и кога велам дека сме на работ да не успееме, мислам и на егзодусот кој се случува во Македонија. Македонија ја има се помалку и затоа што десетици, стотици, илјадници семејства ја напуштаат нашата земја и се отселуваат. Имаме цели градови иселени и празни. Вчера ја прочитав веста дека само во Делчево за еден ден, замислете само за еден ден го напуштиле 1000 луѓе, кои отишле на сезонска работа во странство. Ова е егзодус на секој еден од нас. Ова е егзодус на Македонија. Да го прашам Зоран Заев зошто не отиде до Делчево, па да остави илјада пара чевли пред општината зошто само за еден ден стотици семејства си заминаа од нашата земја? Што направи тој за овие три години за да задржи барем еден човек во земјава, ако не повеќе?

Стотици огништа ќе има помалку затоа што овие луѓе немаат ниту една причина повеќе да седат во сопствената татковина. Поразително и болно. Но тоа е болната реалност, каде нема ниту еден сегмент каде што блескаме.

Таквиот егзудус не само што замира градови, пополека ја замира Македонија. Тоа се одразува и на економијата, на стопанството, на производството. Трајно се губи земјата и се одзема иднината. Луѓето се иселуваат затоа што како што вели народот им се збогтиса од разно-разни Заевци, Вицевци, Анѓушевци, директорчиња кои преку ноќ стануваат милионери, од протекции на училиштата, во бизнисот, да мора да се чека она што со пот е заработено, да се очекува да се поклонуваат на разни лажни величини и измислени вредности, да се биде лажен во исчекувањето за нешто подобро кое никако не се случува“, констатираше Мицкоски со порака дека на таквиот егздус мора да му се стави крај, а првиот чекор да се стави тој крај е крај на оваа политичка каста на власт!

Според него, овие денови со активно сценарио и вложување на огромна енергија ги забоштувале и прикривале доказите за криминал на власта.

„Вчудоневидени за страста за работа на Катица Јанева, па макар и прекувремено гледаме писмо каде таа наредува случаите да се предадат на работа кај Рускоска обвинителството. Со други зборови, да се чуваат на посигурно, за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата. Значи од еден сеф на СДСМ во друг сеф на СДСМ. А пустите така мислат дека ќе не исплашат. Но и за ова се лажат.

Сега се случува операција на власта во случај Катица подлабоко да падне во живата кал во која се влезени, да може Рускоска да продолжи. А за вистинските криминали се помалку се зборува. Сето тоа им е залудно.

Па така, еден од оние чии имиња најчесто се вртат за поврзаност со случајот „Рекет“ ќе каже „аман веќе доста зборувате, само рекет па рекет”. А не сакаат да се зборува затоа што се стига полека, полека, Бога ми, до главата на октоподот. Во оваа операција е и онаа парада за одење пред обвинителство, како демек Кики кажува дека не е Кики, а истото ќе го повтори и Фрики. Па овој Кирацовски ќе ни каже дека со Боки се видел еднаш, двапати, ама ете го излезе една фотографија во медиумите како заедно пеат серенади на кејот на Вардар во еден ресторан, веројатно кроејќи некаква куфер политика. Некако премногу интимно и добро се познаваат ако ја гледаме таа слика.

Претпоставувам и некој светол ден од сега ќе излезе Рускоска ќе каже има криминал ама тука се вмешани двајца, тројца без ниту еден од власта. Демек овие милиони се земани без знаење на главата на октподот.

Тоа што цело СДСМ му е во одборите на Меѓународниот сојуз за власта, а и за Обвинителството е небитна работа. Ама, што би рекол народот, тука лежи зајакот. Ова мириса, силно мириса и отвора сомнеж дека овој милионски криминал со Меѓународниот сојуз е параван за финансирање на кампањата на изборите на СДСМ. Овие сомнежи треба да се испитаат и да се види дали тоа што овој Сојуз е преполн со луѓе од раководството на СДСМ е поради фактот што куферите можеби завршувале на Бихаќка?

Ако не сега, со ова климаво и диригирано обвинителство Ви ветувам дека вистината ќе се дознае.

А што се однесува до судството и обвинителството алармирам да не подлегнуваат на притисоците на власта, затоа што секое постапување кое не е според закон ќе биде разгледано и ревидирано. Не се ставајте да бидете слуги на оние кои во слободен пад сакаат да ве повлечат и вас. Работете според законите и доносете правда“, порача Мицкоски..

Мицкоски вели дека доаѓа период кога сите мора да се избориме заеднички на успехот  и лошите патеки по кои е тргната нашата земја  и да ги претвориме во успех, да ги залечиме раните и да тргнеме кон градење на иднината. Има многу што треба и мора да се направи.

„Заедно ќе се избориме, а часот кога тоа ќе го направиме се предвремени парламентарни  избори. Јас не верувам толку во  нарачаните анкети како Заев колку што верувам во народот на мојата земја. А ако толку се сигурни овие од власта и толку многу блескале тогаш ајде на избори, па народот нека одлучи кој блеска, а кој ќе биде блеснат од волјата на народот“, повика Мицкоски.

Тој вети ќе продолжат да се борат за секој еден човек, и за оние се по затворите а биле невини. Дека мора да има правда и обнова.

„За месеци од сега не чека денот кога ќе треба сите да се соочиме со граѓаните на парламентарните избори. Но пред тоа е потребно ВМРО-ДПМНЕ, да биде заедно со народот. Да биде во улиците, маалата, на клупите, во домовите помеѓу нашите соседи и пријатели, колеги, затоа што тие  кога го создавале најпрвин ВМРО, а потоа кога се реобнови ВМРО-ДПМНЕ имаа единствена цел и беа мотивирани, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и партија од народот. И секој оној кој сега, а и во иднина ќе заборави дека ВМРО-ДПМНЕ, бил и ќе остане партија од народот и ќе се занесе газејќи ги дебелите персијански килими, дали во владата или некаде на друго место, јас ви ветувам дека тоа ќе биде почетокот на крајот на една таква политичка кариера“.

Спрема лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, предизвикот е голем и вреди да се работи и да се бори за тоа. Затоа почнуваат со јасен и концизен план на активности кој ќе ги опфати народот на улиците, во маалата, во домовите, во куќите, на полињата, на универзитетите, во фабриките, во институциите, во министерствата, за да ги обедини под знамето на Република Македонија и со бајракот на ВМРО-ДПМНЕ на градите.

„Да ги убедиме нашите сограѓани во нашата мисија. Јас знам дека ова е пеколно тешка мисија и знам дека голем дел од нашите сограѓани нема да ни веруваат затоа што многу пати тие се измамени во минатото. Јас сум свесен дека главната перцепција можеби за нас политичарите е дека се овие лажговци и лопови, но тоа ќе биде наша задача да допреме до секој еден од нив со искрена мисла, со отворено срце тоа тие ќе го  препознаат, таа енергија се чувствува. И да ги натераме да ни се придружат затоа што нашата мисија е вистинската мисија и мисијата која што се бори за богата, просперитетна и силна Република Македонија, обединета во рамките на европското семејство на народите и членка на НАТО алијансата.

Македонија е таа која што ние ја сонуваме каде што секој согласно компетенциите ќе добие шанса, каде што судиите ќе судат по словото на законите, а обвинителите ќе тужат затоа што некој навистина се огрешил пред законите. Каде што професорите на универзитетите ќе бидат горди затоа што работат на еден од 500 најдобри универзитети според Шангајската листа,, професорите и професорктие во средните училишта и наставните и наставничките во основните училишта ќе бидат горди затоа што предаваат на полни училници со деца кои што сакаат да научат, а воспитувачките и негувателките во градинките се тие кои што ќе бидат силно мотивирани да им го пренесат знаењето во првите 6 години на најмалите, бидејќи тогаш е најважно за секој од нив.

Фабрики ќе има и домашни и странски, тоа е онаа Македонија која што ние сакаме со силно и реформирано здравство, со задоволни работници во фабриките. Таа е Македонија која што ние ја почитуваме, со среќни и насмеани земјоделци кои што везден ги негуваат нивите кои што род раѓаат. Таа е Македонија која што ние ја должиме на генерациите кои што доаѓаат по нас. И за ова вреди да се бориме. Знам дека ќе биде тешко, и знам дека нема да биде лесно, но како што кажав на почетокот јас овде гледам само силно мотивирани луѓе и луѓе победници кои што на крајот сепак сакаат да си го обезбедат своето  место во историјата и да победат“, истакна Мицкоски честитајќи го роденденот на Македонија, додавајќи:„Ова е нашето име по кое се препознаваме и на кое наште срца чукаат најсилно. Да си ни вечна и силна“.