Мицкоски: Целосна гасификација на Македонија, бесплатен приклучок за домаќинствата

Христијан Мицкоски на денешната прес-конфернција се обврза за целосна гасификација на Македонија.

-Се обврзуваме на обнова која ќе донесе целосна гасификација на Македонија. Гасификацијата која сега е заглавена, целосно ќе ја одглавиме и ќе ја дозавршиме. Еден од стратешките приоритети на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе природен гас за  употреба во домаќинствата, индустријата, малите и средните претпријатија, образованието, социјалните установи, здравствените установи итн.  Затоа ќе го изградиме гасоводниот систем во државата. Во наредниот период со интензивна динамика ќе се пристапи кон: завршување и пуштање во употреба на проектите кои беа започнати од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а еве гледаме на крајот од мандатот на оваа влада не се сеуште завршени. Изградба на магистралниот  гасовод Неготино – Кавадарци – Битола т.е. доизградба како и доизградба на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, кој што е започна и првиот и вториот проект и обезбедено финансирањето од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Понатаму изградба на магистралниот гасовод Штип – Радовиш- Струмица – Гевгелија. Изградба на магистралниот гасовод Гостивар – Кичево. Изградба на магистралниот гасовод Свети Николе – Велес. Изградба на магистралниот гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Поврзување на ТЕЦ Неготино на природен гас и напуштање на оној за прв пат во историјата познат термин енергетско земјоделски комбинат кој што ниту е енергетски, ниту е земјоделски и гледаме дека само претставува споменик на едно неуспешно време на владите на СДСМ. Изградба на делници за поврзување на Технолошко-индустриските развојни зони во Штип, Прилеп, Тетово, Радовиш, Струмица, Кичево, Струга, Гевгелија, како и Индустриската зона Жабени. Се обврзуваме на обнова која ќе значи обезбедување на природен гас за секое домаќинство. Ќе го направиме овој енергенс да биде достапен за секого. За таа цел во населените места кои се наоѓаат на поголемо растојание од магистралните гасоводи или примарната мрежа, ќе се пристапи кон изградба на платформи со менливи контејнерски батерии или резервоари за складирање на природниот гас т.е. ќе создадеме виртуелна секундарна мрежа поради сложеноста на проектот и поради сложеноста на процедурите за урбанизам и понатаму проектирање и ревизија на истиот. Системот подразбира компресија, транспорт и декомпресија на природниот гас директно од примарната во терцијалната мрежа. За да може истиот да стигне до гасните дистрибутивни мрежи низ населените места. Со ваквиот проект се опфаќаат голем број населени места  и се овозможува природниот гас да биде подостапен до граѓаните и  до компаниите. Се обврзуваме на обнова која ќе донесе на секое домаќинство бесплатен приклучок до гас. Односно ова ќе значи нула денари трошок на секој дом кој ќе реши да користи гас како енергија. Ова подразбира повеќе пари за граѓаните, но и почиста животна средина, вели Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.