Мицкоски до Пендаровски: Народот ќе ве памети по кукавичката одлука за прославата на Илинден

Политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти. Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму „циркузантската“ минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи Претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата, му одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Шефот на државата денеска, како што соопшти неговиот кабинет, е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“.

Тој му порача на Пендаровски да ја остави традицијата и обичаите да бидат такви какви што од баба на внук се пренесувале.

„На Илинденците, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и останати не им требала лажна политичка порака за обединување, не им треба политички шпалир за да сите до еден го положат својот живот за Македонија, тоа го почувствувале, се прегрнале, Македонец со Влав, Македонец со Албанец со Турчин… и го дале својот живот за својата Македонија. Македонија може и без Вас и без мене и без политичарите, но што сме ние без неа и народот!? И на крај, честит Илинден! Да е жива Македонија“, порача Микоски.