Мицкоски до Заев: Вие сте најдобар пријател со вратарот од 27 април

Вие сте најдобар пријател со вратарот од 27 април, секогаш се работи за пари. Вие тендери делите ширум Македонија, господине Заев. Тоа се „пусти пари“, му порача  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на СДСМ Зоран Заев, на дуелот на ТВ 24.

Мицкоски обвини дека власта изминатите 20 дена во Академијата за судии и јавни обвинители сместила роднини, ќерки и синови на функционери на СДСМ, меѓу кои и снаата на Цветанка Иванова.

– Само ќе кажам неколку примери што можат да кажат на 20 дена пред избори. Па така да речеме Академијата на судии и јавни обвинители, таму знаеме кој е претседател, Драган Јосифовски, да речеме е избран тој е син на Елизабета Јосифовска, обвинител од Специјалното јавно обвинителство. Потоа имаме Билјана Смаќовска таа е ќерка на Гордана Смаќовска, обвинител во Организиран криминал, потоа ја имаме Билјана Иванова, таа е снаа на Цветанка Иванова, потоа го имаме Зоран Здравев син на Ќиро Здравев претседател на Судскиот совет, го имаме Кирил Ѓоргиев кој е син на Наќе Ѓорѓиев и ред други. Со ваков пристап на избор на делители на правда ние не можеме да очекуваме дека сега нешто драматично ќе се промени. Можеме само да очекуваме враќање назад – рече Мицкоски.

Лидерот на најголемата опозициска партија го обвини Заев дека ја симнал на ниско ниво дебатата, поради тоа што рече дека кампањата за предвремените парламентарни на ВМРО-ДПМНЕ, официјално, ја финансирале само Мицкоски,  неговата сопруга Рози и неговиот татко.

– Не ми мешајте семејство – реагираше Мицкоски.

Двајцата зборувајќи за случајот „Рекет“, меѓусебно се обвинија дека заднината на се што се прави, се парите.

– Кога сме кај кршење на законот, излезе еден господин кој што сред суд рече сите рекетирани пари во оваа држава завршуваат и барајте ги кај… Еве нема да го споменувам семејството. Ви тежат ли рекетираните пари кои ги земавте во џебот – го праша Мицкоски на Заев.

Лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ рече дека човек обременет со судски случај за поткуп не може да биде реформатор.

– Ве разбирам, влеговте во овој процес на судството со едно обвинение кое што во тоа време беше случајот поткуп, а јас влегувам без никакво обвинение. И сега не може човек кој што е обременет со судски случај да биде реформатор – нагласи Мицкоски.