Мицкоски: Два услова за ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието

Доколку ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, тоа ќе биде на голема врата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

„Доколку одлучи да се врати, првиот момент што ќе го направи е ќе поднесе интерпелација за работењето на Владата, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги образложат сите оние злоупотреби и грешки што оваа владејачко мнозинство во изминатите десет месеци ѝ ги нанесе на нашата татковина, а ќе можеме да видиме како владејачкото мнозинство ќе одговори на тие прозивки“, вели Мицкоски.

Одговори и на новинарско прашање за кои се условите ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собрание.

„Постојат два услова: политички и математички. Политичкиот услов, можам да кажам, очекувам многу брзо да биде надминат, да бидат исполнети нашите барања, коишто одат во паралелна насока заедно со преговорите во однос на реформските закони, кои се многу важни за иднината на оваа држава, бидејќи нас нѐ интересира иднината и реформите во оваа држава. Ние имаме сопствени барања и тој документ ќе биде многу брзо познат и презентиран пред очите на јавноста. Вториот услов е математички, којшто можеме да кажеме еве во најголема мерка е исполнет“, рече Мицкоски во интервјуто за РСЕ.

Мицкоски вели дека во изминатиот период течеа преговори меѓу двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекувам деновиве, многу скоро, да биде разрешена енигмата околу тие политички барања коишто ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Паралелно со тие преговори, тече и преговорите околу реформските закони“, рече лидерот на опозициската партија.

Целото интервју со Мицкоски за Радио Слободна Европа погледнете го во продолжение.

https://www.slobodnaevropa.mk/a/29133072.html