Мицкоски: Ќе го прифатиме секое решение што ќе го договорат помалите партии и власта за изборниот праг

Целосно ги разбираме малите партии кои се противат на предлогот за зголемување на изборниот праг на 2 проценти и затоа решивме да го прифатиме секое решение што ќе го договорат помалите политички партии и власта, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат дел од Изборниот законик и дека тука не треба да постои никаква дилема.

– Ние како партија ги разбираме препораките во насока на зголемување на квалитетот на избирачкиот процес, а што се однесува на процентот на изборниот праг кој според предлогот треба да изнесува 2 проценти, јавноста треба да знае дека минимумот според ОБСЕ/ОДИХР изнесува 1 процент. Сепак, ние изразуваме целосно разбирање со помалите партии и го прифаќаме секое решение што ќе го договорат со власта – рече Мицкоски.

Лидерот на најголемата опозициска партија во земјава го поздрави донесувањето на Резолуцијата за заштита на македонскиот идентитет и македонската посебност, со која, како што рече, јасно се оцртуваат националните црвени линии за македонскиот јазик, историјата и идентитетот.

– Содржината на Резолуцијата остана таква каква што беше доставена и ние сме многу среќни поради тоа. Благодарни сме на политичките субјекти кои искрено ја поддржаа Резолуцијата. Знаеме дека зборот на власта не трае ни 5 минути, но сметаме дека ваквата Резолуција како акт не смее да биде прекршен од оваа и од секоја идна влада. Овој процес во нормални услови требаше да биде воден од власта, а не од опозицијата, но за нас и за Македонија е голем успех тоа што донесовма таква Резолуција. Ние како партија ќе останеме посветени на евроинтеграцијата и заштитата на македонските национални и државни интереси. Македонија мора да научи да гради национален и државен консензус кој нема да зависи од тоа дали некој поради незнаење ќе создава нови спорови кои ќе го принудат македонскиот народ на нови преговори – рече Мицкоски.

Тој истакна дека за нас како држава не постои друга алтернатива освен Европската Унија.

– Друга алтернатива освен ЕУ не постои. Македонија треба веднаш да ги започне преговорите со Унијата, бидејќи тоа го заслужуваме веќе цела една деценија. Следна таква можност е Самитот кој ќе се одржи во декември годинава – посочи Мицкоски.