Мицкоски: Ќе потоне бродот на Заев на кој се качија и уценувачите и уценуваните

Заев е готов, неговата влада е на стаклени нозе и таа мора да падне, порача во неделата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски во текот на неговиот говор на настан организиран од страна на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ по повод меѓународниот ден на мајчиниот јазик, а како што дополни бадијала се и гумите за спасување што му ги фрлаат.

Мицкоски посочи дека изминатите неколки месеци му ги видовме сите адути и оние скриени слуги во опозицијата.

„Остана верно ВМРО-ДПМНЕ на народот. Еден новинар ми вели сега сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев сакајќи да наштети на ВМРО-ДПМНЕ си стави уште еден тег на ногата. Епа Заев со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам сега доаѓа ураганот од народ кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан“ кажа Мицкоски.

Најави „македонска пролет“, односно будење на народот.

„Следува нов почеток, нова енергија, бунт на чесниот народ против нечесните, стануваат обесправените, против оние кои носат неправда. Оваа македонска пролет ќе биде посебна. Ова ќе биде чиста борба на народот против хибридниот режим. Ова е повик на сиромашните и гладните против оние кои полнат џебови на трудот на напатениот народ. Пролета доаѓа, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ е будно и на штрек. И дека Владата ќе падне брзо, затоа што и чесните луѓе на СДСМ гласно велат дека овие ја претераа“, нагласи Мицкоски.