Мицкоски: Европа и должи на Македонија да ја разубеди Бугарија да не ја блокира земјава

Вечерва во емисија на штипска телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој што посочи дека Македонија како држава заслужува да ги отпочне преговорите со ЕУ. Не смее Европа да дозволи Бугарија да ја блокира земјава кон европскиот пат.

„Ние во 90-тите години бевме оазата на мирот, Владите на ВМРО-ДПМНЕ. Ние во 99-тата година примивме 100 –тици илјади бегалци кога Европа ги затвораше вратите за време на косовската криза. Ние ја контролиравме 2001-та година да не ни излезе од раце. Ние ја смиривме мигрантската во Европа. Ние бевме браникот, тука долу недалеку од овде во Гевгелија. Македонија заслужува без никакви условувања од Европа да започне преговори со ЕУ“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека е убеден дека во декември ќе се случи таа меѓувладина конференција.

„Јас сум убеден дека нашите сојузници во Европа ќе ја разубедат Бугарија, дека ова не е ниту европски, нити пак граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат“, нагласи Мицоски.

Мицкоски посочи дека меѓувладината конференција мора да се случи. Европа тоа го должи на македонските граѓани.