Мицкоски: Филипче е далеку од Супермен, повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер

Со право е загриженоста кај секој еден од вас, бидејќи и јас сум загрижен и знам дека ова не смее да биде битка на луда храброст без мудрост, туку на мудро употребена храброст за да се победи заедничкиот предизвик со кој се соочуваме. А стравот е неминовен бидејќи сите ние се соочуваме со непозната и нова појава и станува јасно дека ѓаволот ја однел шегата кога се бројат мртвите во Италија и другите земји каде насмеаните лица ги преполнуваа плоштадите, трговските центри, јавните места до пред само неколку недели, а денес најблиските се збогуваат со починатите

Ова го истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето отворено писмо.

-Сликата на министерот со медицински голорак и незаштитен здравствен тим е сликата за македонското здравство и начинот на кој се работи во Македонија. Докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот ама пр-от на министерот е важен, а стикерите на Филипче во стилот на супермен поважни. Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер. Одбивам да ја сведувам дебатата на ова ниво и затоа ќе порачам баталете го пр-от, ова не е мегдан за тоа ќе има време кога ќе се мериме и во тоа поле, но сега мораме да покажеме поголема одговорност од се што било досега. Затоа неопходно е како општество да се мобилизираме, да се преземат итни и драстични мерки што побрзо и без одлагање. Се губи контролата над состојбите затоа што секојдневно се отвораат нови жаришта на вирусот. Болниците кои се на располагање се недоволни, а капацитети слаби. При тоа тука не страдаат само болните од корона, туку и оние болни од други болести кои нема да добијат навремена помош заради презафатеноста со справувањето со актуелната пандемија. Неретки се случаите да не добиете помош поради тоа што системот е блокиран. Оттука мора заеднички и силно да се фокусираме кон драстични мерки. Секој ден поминат без нив, ќе значи повеќе животи кои ќе се загубат, порача Мицкоски.