Мицкоски: Георгиевски остави неизбришлива трага во креирањето на државата

Со длабоко жалење утрово ја примив веста за смртта на Проф. д-р Љубиша Георгиевски. Тој со својот плоден животен век остави неизбришлива трага во драматургијата, македонскиот филм, општествената дејност, но и во креирање на темели и изградбата на нашата држава Република Македонија, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил.

„Тој со својот мирен и мудар хабитус беше вистинска додадена вредност и за ВМРО-ДПМНЕ каде се вгради во нејзиното растење и партиско живеење. Имав ретка можност и чест за почести средби и комуникации во последниот период, неговата чиста мисла, драматурска прецизност и пред се мудрост беше исклучително корисна и плодотворна.

Неговата грамадна големина во битисувањето на Македонската држава, неговата исклучителна љубов кон нашата земја и нашиот народ ќе биде запаметена. И тоа остава неизбришлива длабока трага за нашата земја Македонија, трага која ќе се памети денес, утре и многу години потоа. 

Искуствено надраснат, но и емотивно загрижен во однос на последните случувања во нашата земја ќе кажеше, Македонија е поголема од сите неправди, прогони и наказувања, и таа сепак ќе воскресне и победи, бидејќи таа е идеја, емоција и наша судбина. Благодарам за се што направи за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија. 

Почивај во мир ПРОФЕСОРЕ!“-напиша Мицкоски.