Мицкоски го оцени обраќањато на Заев како говор на уплашен човек

Видовме уплашен човек соочен со своите неуспеси, а ние бараме избори за обнова на Македонија, рече меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во саботата престојуваше во Гостивар одговарајќи на  новинарски прашања.

Која е вашата реакција на денешниот прес-конференцијата на Зоран Заев дека бара итни предвремени избори?

Видовме човек којшто е уплашен, којшто е свесен за сите грешки коишто ги направи. Гледаме човек којшто му трепери гласот затоа што е несигурен и се обидува грчевито да го ублажи поразот којшто е неминовноста на следните предвремени парламентарни избори. Тоа што го зборував во минатото тоа го потврди Зоран Заев дека е потребен нов почеток, дека е потребен нов почеток за да може да успее Македонија, да дојде обновата на Македонија. За да од Македонија ние направиме навистина модерна и европска држава којашто ќе се темели на принципи и вредности, закони и почитувања на Уставот. Силна економија, тигар на Балканот, имаме план, имаме визија, имаме стратегија, знаеме како тоа да го постигнеме. Јас сум убеден дека ќе ги убедиме нашите сограѓани и масовно да излезат и да ја дадат поддршката за политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кои што ќе ги презентираме на претстојните предвремени парламентарни избори. Малку чудно беше кога го слушав денес Зоран Заев кој што велеше да се европеизираме ние за да можеме да ја европеизираме Македонија. Тоа се оние зборови кои што јас ги говорам уште од минатиот октомври, минатата година, кога велевме дека е потребно ние да се европеизираме. Но никако не можам да прифатам дека европеизацијата започнува со злоупотреба на европското знаменце на предлог законот за опојни дроги коишто во истиот ден кога отиде Зоран Заев во Брисел да ги убедува нашите стратешки партнери дека заслужуваме дата, го поднесе на шверцерски начин во Собранието,а се со една цел да му овозможи нему, и на семејството негово и на луѓето блиски до неговото семејство да остварат дополнителен профит. Којшто морам да признаам според некои луѓе коишто ги консултирав се мери во десетици милиони евра. Ете ние за такви европски вредности зборуваме, како да го озакониме продавањето на марихуана од Македонија. Наместо земја технолошки тигар, земја извозник на вредности, земја каде што луѓето ќе можат да истражуваат во развојно истражувачките центри, ние ќе бидеме земја каде што најголемиот земјоделски и најдоходовно земјоделски производ ќе биде марихуаната која што најчесто ќе биде по потекло од оранжериите и садниците во сопственост на семејството Заеви или блиските до семејството Заеви. Ете тоа се европските вредности по принципот на Зоран Заев. Ние одбиваме и ќе се спротивставиме силно на ваков тип на вредности, ние сакаме вистински европски вредности коишто ви кажав како ги детерминираме и кои што ќе бидат содржани во нашата предизборна програма.

Што очекувате од лидерската средба, зошто тој рече брзи предвремени избори?

 Јас повторно ќе кажам и ќе го повторам она што го кажав на почетокот од денешниот настан. Очекувам и да се премисли до утре бидејќи станува збор и за Зоран Заев, знаете кај него и работите се менуваат на часови во основа. Но ајде да претпоставиме дека овојпат ќе биде конзистентен и очекувам да го слушнам предлогот, да видам што подразбира под тоа брзи предвремени парламентарни избори. Па дури потоа би можел да дадам одговор на ваквото прашање. Законот е јасен, се знае што значи парламентарни избори, што значат закони за парламентарни избори итн. Треба тоа едноставно да се испочитува и веднаш да ги распишеме и да формираме техничка влада, технички премиер и да одиме на предвремени парламентарни избори.

Ќе предложите веднаш да се распишат изборите, така?

Ние тоа веќе го предлагаме месеци наназад. Јас и вчера зборував, избори не како избори за пуста власт, туку избори за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава.  Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме.

Очекувате дека договор ќе се постигне?

Очекувам.

Може избори без техничка влада? Би прифатиле?

Видете сега, тоа е како да ми кажете дали би прифатиле да ја обиете продавницата наспроти, да ја украдете од таму стоката и да не одговарате пред законот. Има закони, треба законите да се почитуваат. Така, сега. Ние дојдовме до ова дереџе затоа што не ги почитуваме законите, затоа што се играме со законите криенка, миженка. Заради тоа на нас ни се случуваат вакви работи. Си има закон, јасно во законот е детерминирано што значи тоа, е сега ако вие ме прашувате дали доколку бидете крадец го кршите законот, јас ќе кажам не го кршам законот. Само треба да се почитуваат законите. Ништо повеќе, ништо помалку.

Неизбежни се изборите, рековте дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт. Ако дојде на власт?

Не јас не го употребувам тој збор дека ќе дојде на власт – ќе ја формира следната влада. Власт земаат и даваат оние коишто се борат за таа пуста власт по секоја цена. Јас велам ќе ја формираме следната влада.

Со Преспанскиот договор не успеавме да добиеме датум , што понатака со политиката на ВМРО-ДПМНЕ?

Зошто мислите вие дека Преспанскиот договор беше услов за добивање на датум?

Затоа што претходната влада тоа го зборуваше.

Не, тоа не го зборуваше претходната влада, претходната влада велеше дека тоа што претставува една од пречките е и договор со нашиот јужен сосед. Но видовте дека не било тоа доволно. Да тоа ен било доволно.

Што со Преспанскиот договор од ваша страна?

Ние по тоа прашање сме дале одговор доsега безброј пати, ниту имаме што да додадеме, ниту што да одземеме на тој договор. Сум одговорил најмалку 50 пати до сега.  Кои се условите за да Преспанскиот договор се повлече чекор наназад, кои се условите Преспанскиот договор да биде ваков каков што е. Затоа ВМРО-ДПМНЕ не е виновно. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во предавството и трајната штета што на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија ги донесе Зоран Заев и Владата на СДСМ. Но за да ја исправиме оваа грешка одговорот е математички односно број на пратеници во Собранието и услов Бадинтер. Јасно е што значи тоа, сме го кажале и тоа безброј пати до сега и истото го повторуваме и сега.