Мицкоски: Граѓаните ја плаќаат сметката за неефикасната економија и стопираните капитални инвестиции

Ми беше особена чест што имав прилика да одржам состанок во Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир на кој со членството било зборувано за актелната политичка и економска систуација во земјата, напиша во петокот вечерта на својот профил на Facebook челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Заеднички со многу ентузијазам дискутиравме за внатрепартиската организираност и за прашања значајни за нашата партија. Воедно имавме и поширок осврт на актуелната политичка и економска ситуација. Граѓаните се повеќе губат надеж, а економијата тоне. Секој поминат ден значи загубено време за реформи, и подобрување на стандардот на граѓаните“, пишува Мицкоски.

Нагласува дека во земјата има нефикасна економија, и речиси стопирани капитални вложувања, а за сето тоа сметката ја плаќаат граѓаните.

„За 8 месеци нема ниту еден завршен, ниту отпочнат капитален проект во државата, само најави, и нереализирани фалења. Сите економски показатели говорат дека економијата преживува, а се добива впечатокот дека владата работи по принципот ‘купи ден, помини’, без стратегија и без суштински потези. Бизнисот ја губи економската слобода, а макроекономските показатели се поразителни. БДП-то стагнира, и се движи околу 0 раст. Тоа значи дека целата економија не оди напред, а граѓаните го плаќаат цехот. Ова мора да престане. Македонија нема време за губење повеќе. Потребни се храбри и одлучни чекори, потребна е мудра политика базирана на вистинските потенцијали на оваа земја. Мора да се врати изгубената надеж и насмевката кај луѓето. Мора борбата да се насочи кон овозможување на подобар живот за секого“, заклучува Мицкоски.