Мицкоски- Хан: Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјата 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес оствари средба со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава, информираат од партијата.

Претседателот Мицкоски изрази загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето на датум за преговори. Мицкоски ја истакна и загриженоста поради отсуството на волја кај владата во справувањето со растечкиот криминал, скандалите и висока корупција која е присутна во највисоките ешалони на власта.

-Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина, повлече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека немањето на волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот. Мицкоски ги истакна забелешките на предлог законот за обвинителство посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.

Во однос на европската перспектива на земјава Мицкоски посочи дека граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската Унија што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.

Воедно Мицкоски истакна дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување на европска иднина за Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ги цени напорите и заложбите на Европската Унија за напредок на земјава и нејзиното инсистирање за реформи кои ќе бидат за добробит на граѓаните на Република Македонија. Тој посочи дека европската иднина на државата е единствената алтернатива за вистински напредок и низ еден партнерски однос со Унијата економски и политички да се унапредува нашето општество.