Мицкоски и Славески во дводневна посета на Берлин

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески од денес се во дводневна посета на Берлин, Сојузна Република Германија.

Делегацијата ќе земе учество во програмата која е дел од високиот дијалог на фондацијата Конрад Аденауер Штифтунг и десничарската германска сестринска партија ЦДУ на Ангела Меркел, каде централна тема ќе биде гео-eкономската конкуренција и Западниот Балкан: како да се надминат предизвиците и креираат нови можности. Во рамките на оваа програма ќе се разговара и за економските можности, развивање на шансите за напредок, како и европското интегрирање на регионот на Балканот, информираат од партијата.

Свое учество на дводневниот настан ќе имаат и Манфред Вебер шеф на парламентарната група на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, д-р. Волфганг Шојбле претседател на Германскиот Бундестаг и поранешен министер за финансии на Германија, проф. д-р Роланд Коч министер претседател на германската покраина Хесе, Јенс Спан германски федерален министер за здравство, пратеникот Христиан Лиднер, Астрид Хамкер претседател на Економскиот совет на ЦДУ, Гутхер Отингер Европски комесар за буџет и човечки ресурси, Питер Алтмаер федерален министер за економија и буџет.

Во текот на денешниот ден Мицкоски и Славески ќе учествуваат на панелот насловен Берлинскиот процес: Германската обврзаност за Европската перспектива за Западниот Балкан, кој ќе биде отворен од д-р Јоаким Бертеле советник  за надворешни, безбедносни и развојни политики на Германската Канцеларка Ангела Меркел.  Свое учество ќе има и Франк Прис, Заменикшеф за европска и меѓународна соработка на Конрад Аданауер Штифтунг.

Подоцна во текот на денот ќе има панел дискусија за Западниот Балкан, влијанијата врз развојот и Европската Унија, каде ќе дискутираат меѓу другото и пратеници од Европскиот Парламент на владејачката партија на Ангела Меркел ЦДУ, Петер Бејер координатор на комитетот за трансатланска соработка, проф. д-р Патрик Сенсбурк, Мариан Венд.

Вториот ден ќе биде посветен на анализите за економската динамика за развој на Западниот Балкан и целиот регион.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе го искористи престојот за афирмирање на стратешката цел членство во Европската Унија, динамизирање на процесите кои треба да бидат довршени за постигнување на високите стандарди, како и билатерални средби каде ќе се дискутира за прашања важни за нашата земја. Мицкоски ќе ги запознае своите соговорници и за лошата економска состојба, потребата за реформи и забрзување на процесот на интегрирање на Македонија во европското семејство, додаваат од партијата.

Инаку, вчера Мицкоски и Славески заедно го бодреа шампионот Вардар, а по победата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ славеше со навивачката група Комити.