Мицкоски: Има 10-тина пратеници од владејачкото мнозинство кои кокетираат веќе со ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за охридската онлајн телевизија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на престојните локални избори кои треба да се одржат во октомври годинава.

Мицкоски вели дека ако во меѓувреме не формираат ново парламентарно мнозинство тогаш тоа сигурно ќе се случи после локалните избори, затоа што има десетина пратеници од владејачкото мнозинство кои што веќе кокетираат со ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја крене раката како победник после локалните избори. Многу брзо после тоа ќе имаме ново прламентарно мнозинство, ако не успееме во меѓувреме да го направиме тоа ново парламентарно мнозинство бидејќи има 10-тина пратеници кои што се дел од владеачкото парламентарно мнозинство, кој што, би рекол повеќе или помалку срамежливо, индиректно кокетираат со нас“, рече Мицкоски.

Во однос на изборните коалиции за престојните локални избори, Мицкоски истакна дека ќе имаат и предизборни и постизборни коалиции и се отворени за широк опозициски фронт со цел да се збрише акруелната политичка реалност предводена од СДСМ и Зоран Заев.

„Ќе имаме и предизборни и постизборни коалиции. Јас повикав на обединување, окрупнување на опозицијата на еден сериозен опозициски фронт кој што, практично ќе го збрише сето ова кое што денеска е реалност на политичката сцена, а го нуди СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски и додаде дека ова лето ќе го поминеме под слоганот на ВМРО-ДПМНЕ, „Македонија за сите луѓе“ преку која ќе се презентира програмата која ќе ја понудат за локалните октомвриски избори.