Мицкоски: Именуваа директор на академијата за судии и јавни обвинители и член на судски совет, а ветуваа судски реформи

Ќе речат ајде да го реформираме судството. Еве каква реформа направија. Бараме владеење на право. Бараме криминалот да биде казнет. Секој кој што се огрешил пред законот треба да одговара, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот протестен марш пред Владата.

Но што направија. Именуваа директор на академијата за судии и јавни обвинители. Онаа академија од каде што треба да произлезат идните кадри. Јавни обвинители и судии. Наташа Габер Дамјановска. Сестра на Виктор Габер. Долгогодишен дипломат од редовите на СДСМ. Советник на Зоран Заев и човекот кој што го води телото кое преговара со Грција за нашата историја, нашата археологија и нашето образование. Ќерката пак е државен секретар во Секретаријатот за европски прашања номинирана од СДСМ. А мајката во советот на Град Скопје како кадар на СДСМ. Партија, дипломатија, судство. Така ли ќе го реформирате судството? Тоа ли е начинот? Минатата недела цела македонска јавност знаеше дека Лорета Георгиева ќе биде избрана за нов член на судскиот совет. А зошто? Затоа што таа е сопруга на човекот кој што е приватно близок со Зоран Заев. Сите тоа го знаеја. Оној судски совет кој што треба да ја оценува работата на судиите во Република Македонија. Токму тој судски совет, таму членува Лорета Георгиева. Е затоа им е битно, затоа што нема кој после тоа да им го отвори евро за евро и случајот поткуп, нема кој да го отвори глобал. Сите ќе мораат да молчат и да му се подредуваат на монархот а кој е монархот. Монархот е тој што нив ги именува. Зоран Заев. Ние тоа нема да го дозволиме, нагласи Мицкоски.