11.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Мицкоски: Како христијанин никогаш нема да ми е тешко да побарам прошка од оние кои ги сакам и почитувам, моето семејство, блиските, пријателите, мојата земја, мојот народ, граѓаните на Македонија…

„Мора да го развиваме и да го одржуваме капацитетот за простување. Оној којшто е лишен од моќта да простува е лишен и од моќта на сакањето. Постои нешто добро во најлошиот дел од нас и нешто злобно во најдобриот дел од нас. Кога ќе го откриеме ова, ќе бидеме помалку склони да ги мразиме нашите непријатели“, велеше Мартин Лутер Кинг. Во еден дел од библијата стои “прв нека го фрли каменот, оној што е безгрешен”.

Оттука човечки е да се греши, исто како што е човечки и да се простува. Како христијанин никогаш нема да ми е тешко да побарам прошка од оние кои ги сакам и почитувам, моето семејство, блиските, пријателите, мојата земја, мојот народ, граѓаните на Македонија, како што тоа го правам и денес на празникот прочка, затоа што само така се поправаме, осознаваме за грешките, стануваме подобри луѓе, подобри слуги на својата кауза, а таа е нашиот завет, нашата татковина. На апатијата мора да се стави крај, да се каже дека сите не сме исти и дека можеме вистински напред.

И знам дека тоа не е лесно, а впрочем и што било лесно во овие години на независност, неизвесност и чекање, но знам дека овој пат ќе успееме, заедно, со чиста мисла, и посветеност, затоа што Македонија има сила, верба и надеж. И знам дека нашиот народ умее да простува, но и не заборава, и многу добро знае да биде гласен во време кога има такви кои од него бараат да молчи.

Тој ден доаѓа кога оваа тешка реалност на неправди и тежок живот може да се промени, а и нема да се заборави, за да не се повтори. Следуваат Велигденските пости, период на искушенија и одлуки. Македонија има сила за промени, обнова, иднина каква заслужува секој еден од вас, напиша на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.