Мицкоски: Калкулации со позајмувањето не однесоа во бездна, ни претстои тежок период

Секој работодавач да добие по 50 отсто од бруто трошоците по вработен, а дел од парите од приватните пензиски друштва, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб. Ова е дел од мерките кои како решение на економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19 ја предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот Христијан Мицкоски во интервју за Фактор вели дека последиците од оваа ситуација ќе бидат исклучително тешки за македонската економија. Сепак, вели дека сета одговорност е кај креаторите на политиките, кај власта. Тврди дека повеќето од нивните потези биле чисто политикантство, намерите нечесни. Македонија е пред еден од најголемите предизвици во историјата, па го прашав прво какви се неговите прогнози во овој момент.

Мицкоски: Пандемијата не е наивна од медицински и здравствен аспект. Барем од она што докторите ме информираат и луѓето кои ги користам за совет. Но, истовремено ефектот на оваа пандемија во некои други области ќе биде исто така катаклизмичен, пред се тука мислам на паниката којашто се создаде во светот, за економската криза што ќе дојде, санитетската криза, криза во образовните системи во светот. Ќе има многу негативни последици во многу области, но после сето ова ќе има сериозни поместувања во светот на политиките. Мислам дека ние како држава ако успееме да ја препознаеме таа шанса, би било добро, но јас лично не гледам капацитет во оваа политичка гарнитура. Гледам исплашени, испаничени политиканти кои се обидуваат да профитираат од сето ова. Но, профитот некако не им поаѓа од раце па, сега се повеќе ќе се обидуваат да ја споделат одговорноста со опозицијата или со народот. Опозицијата ќе биде виновна дека создавала паника, народот ќе биде виновен бидејќи не ги почитува препораките кои што ги кажува владата. Сите ќе бидат виновни само нема да бидат виновни Заев, Спасовски и останатите, што всушност е типичен прототип на еден таков вид на политиканти кои што за жал денеска ни се во владата. Но, да сумирам, очекувам сериозни светски поместувања во политиката и очекувам поинакви текови во блиската па, и во подалечната иднина во светот.

Ќе зборуваме за пензискиот систем, но од овој аспект сметате ли дека ФЗОМ е загрозен?

Мицкоски: Ваков каков што е, нема да може да издржи. Затоа што едноставно, трошоците се зголемени повеќепати, а од друга страна нема ребаланс, не гледаме дека некој се грижи да го засили буџетот на здравствениот фонд. Единствено нешто што се случува е да се обидеме да добиеме некаква донација од странство. Практично, засилувањето на капацитетите на здравствениот систем во државата се темели на милост. Дали некој ќе ни донира. Не се темели на некоја стратегија која што требаше веќе да ја имаме.

Првичната реакција на владините мерки вчера ви беше дека се шминка, не се системски и нема да го решат проблемот. Ако сме свесни за македонската економија, за нејзината кондиција, за здивот, каков одговор може да се понуди?

Мицкоски: Кога се случи пандемијата во Кина, ние овде бевме во предизборна треска. Посебно тоа беше силно изразено кај политиканите во Владата, Зоран Заев кога беше премиер, а потоа и техничкиот премиер Оливер Спасовски. И никој во тој момент не сакаше да ја согледа реалноста што може да се случи во овој случај, никој не ни сакаше да влезе во подетална анализа што се може да се случува доколку оваа пандемија се прошири.

Да, ама во тоа време тоа не го правеа и во поразвиените земји?

Мицкоски: Тие го правеа и уште тогаш предупредуваа за можните последици, но не беа доволно гласни можеби. Но ние воопшто, во тој момент не ни анализиравме што може да се случи. Ни гласно, ни тивко, ниту знаевме што се може да се случи. Но, тогаш ни беше приоритет како повеќе закони, популистички да донесеме во Собрание, затоа што избори ни идат.

Ниту вие не сугериравте дека треба тоа да се прави…

Мицкоски: Во февруари кажав дека ќе дојде криза со набавките од Кина, која што ја користат посебно инвеститорите во Технолошко индустриските развојни зони, и ќе имаме пад во економијата. Но еве во ред, ВМРО-ДПМНЕ како опозицициска партија предупредуваше, можеби не била доволно гласна, но мене ме чудат оние скапо платени советници во Владата кои што никој тоа не го виде и никој не им даде анализа на маса и на Заев, на Оливер Спасовски, Шеќеринска и да им рече: Луѓе работата е сериозна, баталете 3-400 закони во Собрание, баталете трошење пари дај да седнеме да го реорганизираме општеството. Да видиме, ни претстои сериозен предизвик пред нас.

Целото интервју може да го погледнете на овој ЛИНК.

Фото: Фактор.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.