Мицкоски: Ќе треба да ја вадиме државата од пепелта во која ја оставаат политичките измамници 

Државата ќе треба од пепел да си ја вадиме, од онаа пепел во која што оние политички измамници ќе ни ја остават, предупреди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој во четвртокот беше во посета на Кавадарци, при што оствари средба со голем број граѓани .

Мицкоски пред присутните потенцираше дека додека власта измислуваше, клеветеше и лажеше, ВМРО-ДПМНЕ работеше и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ успеа да ги победи сите останати кои беа на другата страна.

Никој не веруваше дека ВМРО-ДПМНЕ од едната страна и сите останати од другата страна, дека ќе победиме. Тие измислуваа, подметнуваа, клеветеа, кодошеа, лажеа, а ние работевме. Тие ќе продолжат, тоа е нивната навика, такви се тие од СДСМ, а ние ќе продолжиме да работиме затоа што ние сме различни од тие од СДСМ, ние сме ВМРО-ДПМНЕ, истакна Мицкоски.

Додаде дека додека тие продолжуваат да кодошат и да клеветат, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи и така работејќи ќе победи на претседателските избори на 5-ти мај, а таа победа ќе донесе предвремени парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе победи, а веднаш после таа победа не чека многу работа затоа што треба државата да се крева од пепелта од која оваа власт ќе ја остави.

Но, тоа е само првиот дел од нашата мисија. Тоа се првите два меѓника. Првиот меѓник е на 5-ти мај, а вториот ќе биде на предвремените парламентарни избори. Но потоа браќа и сестри, драги кавадарчани, добри луѓе не чека многу работа. Не чека засукување на ракави, затоа што државата ќе треба од пепел да си ја вадиме, од онаа пепел во која што оние политички измамници ќе ни ја остават, нагласи Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.