Мицкоски: Коалицијата СДСМ-Аалијанса е естрада, ни тие самите не веруваат во тоа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја поистоветува со естрада најавената можна нова владина коалиција со приклучување на Алијансата за Албанците и оценува дека таа нема капацитет за реформи. Тој се уште е оптимист за предвремени парламентарни избори и верува дека поддржувачите на владиното мнозинство, кои се „незадоволни од состојбите“, нема да ги поддржат министрите што би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски. Тоа, вели, ќе даде одговор дали ќе има предвремени избори или ќе се оди на редовни.

Преостанатите 10-11 месеци до редовните избори, според него, нема да подобрат ништо, а изборите се нужност за „народот да избере политичари што ќе овозможат напредок на државата“.

– Теоретски кажано, според желбите на Ковачевски, на ДУИ и на тие кои сега се приклучуваат на оваа Влада, да речеме и да нема предвремени избори, имаме некаде околу 10-11 месеци уште колку би работела Владата. Зарем некој во Македонија верува дека во овие 10-11 месеци може да се направи нешто, да се подобри квалитетот на живот, стандардот на граѓаните, да се случат структурни реформи. Дури ни тие сами не веруваат во тоа и затоа оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во којашто овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот. Таму нема капацитет за реформи затоа што јас такво нешто не видов во овие 5,5 години додека СДСМ е на власт – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посета во Општина Карбинци.

Тој посочи дека предвремените парламентарни избори „се нужност, за да може народот да си избере политичари кои ќе ја водат Владата, ќе направат структурни реформи и ќе ја придвижат државата напред“ и кои, како што нагласи, „ќе градат, а не да крадат, како што се однесува денешната владина коалиција на ДУИ со СДСМ, а која гледаме дека ќе се проширува“.

– Сè уште сум оптимист, бидејќи сè уште има структури во пратеничката група на СДСМ и на останатите политички партии кои сè уште го поддржуваат владиното мнозинство и сè уште рефлектираат позиции дека се незадоволни од ова што се случува и оти ќе се охрабрат и нема да ги прифатат предлозите на Ковачевски што ќе ги номинира за министри. Самото тоа ќе даде одговор дали ќе имаме предвремени избори или пак ќе одиме на редовни избори следната пролет заедно со претседателските – рече Мицкоски, додавајќи дека единствената широка коалиција која би ја прифатил е таа со народот.

Запрашан за извештајот за борбата против корупцијата на Транспаренси Интернешнел, каде Македонија годинава напредна само две места, Мицкоски вели:

– Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија.

Според Мицкоски, уште еднаш власта покажува политичка незрелост.

– Уште еднаш покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал – рече Мицкоски.

Единствена светла точка во државата, посочи, се општините каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ – истакна Мицкоски.

– Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија – вели  Мицкоски. 

Запрашан за чествувањето на Гоце Делчев, оваа сабота на 4 февруари, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека мирно чествување ќе има доколку МВР ги слуша апелите на граѓаните и добро се организира.

– Доколку има било каква несакана случка на 4 февруари тоа ќе биде грев на Владата и на МВР. Ги повикувам граѓаните да не подлегнуваат на провокациите кои секојдневно се присутни. Ниту една провокација на која ќе потпадне било кој граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава, туку оди само во полза на  владата на ДУИ поддржана од СДСМ и на нашиот источен сосед – рече  Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на општина Карбинци.

Истакна дека само со достоинствено чествување на денот треба да ги поразиме, како што рече, корумпираните полициски структури кои се обидуваат да го разединат македонскиот народ и додаде дека не треба да им дозволиме да успеат и да се враќаме назад.

– Затоа ги повикувам сите оние кои ќе се одлучат да одат таму достоинствено да го чествуваат денот. Ние сме мирен, честит и достоинствен библиски народ кој знае да тагува и да празнува, но и народ кој знае да даде почит на луѓето кои ги почитува како што е великанот Делчев. Затоа ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во црквата Свети Спас во Скопје за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е во Европа каде што одамна треба да биде – посочи Мицкоски.

Нагласи  дека има информации оти нивни членови биле повикувани во полициска станица на информативни разговори заради 4 февруари.

– Луѓе се повикувани и ќе бидат повикувани се до моментот додека оваа влада не замине. Не треба да создаваме паника. Ние сме навикнати и отпорни сме на сето тоа, бидејќи пет години живееме под политички терор на Владата на ДУИ и СДСМ. Месеци се во прашање кога многумина што го правеа ова ќе треба да дадат одговор. Потоа тие коишто ја злоупотребуваат таа позиција ќе треба да дадат одговори на многу прашања и тогаш ќе треба да бидат силни како што се сега – рече Мицкоски.