Мицкоски: Лошото менаџирање и управување на енергетските компании ќе доведе до ценовен шок на електричната енергија

Криминалниот скандал за изнудата на 250 илјади евра од РЕК Битола и лошото менаџирање со енергетските компании се поврзани работи, а тоа ќе предизвика ценовен шок, односно поскапување на електричната енергија во државата, оцени во четвртокот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на неговата посетата на Општина Прилеп.

„Лошото менаџирање со енергетските компании ќе предизвика ценовен шок, односно зголемување на цената на електричната енергија. Струјата ќе поскапи како за граѓаните така и за оние кои добиваат сметки кои што универзалниот снабдувач или ЕВН кој ги испорачува. Во случајов го имаме овој криминален скандал кој што вчера ВМРО-ДПМНЕ го соопшти на брифингот за новинарите. Но, тој е еден од многуте што доведе да лошо се менаџира и управува со ресурсите како што се јагленот и водата. И тоа понатаму имплицира зголемување на цената на струјата“, истакна тој.

Мицкоски од Прилеп, исто така, соопшти дека фокус на ВМРО-ДПМНЕ е ќе биде енергетиката и вложување во чиста енергија, но балансирано да не доаѓа до ценовни шокови како што сега ќе бидат предизвикани од СДСМ.

„Ќе вложуваме во избалансирана енергија, бидејќи сега нема никакви вложувања ниту во чистата ниту во друг тип на енергија. Но, за да го реализираме сето она на што сме се обврзале потребно е да ја добиеме довербата од граѓаните и да покажеме дека може поинаку“, посочи Мицкоски.