Мицкоски: Македонецот се борел и со помоќен непријател, но тогаш победувал, така ќе биде и на 15 јули

Нашата програма, проект „Обнова за Македонија“ не е за само четири години, тоа е стратегија, проект кој нашата Македонија ќе ја направи вистинска бесконечност, наша гордост, рече на вечерашниот предизборен митинг во Битола, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пред битолчани, членовите и симпатизарите на ВМРО ДПМНЕ како и пред коалиционите партнери, Мицкоски истакна дека се обврзуваат на најмалку 25 проценти поголема просечна плата во државата во еден мандат и за најмалку 20 проценти поголеми пензии за пензионерите и враќање на старото законско решение, односно два пати годишно нивелирање на пензијата.

„Се обврзуваме за најмалку 1.000 километри нови и реконструирани регионални и локални патни правци, се обврзуваме за нови термоенергетски фасади во кои државата ќе субвенционира до 50 проценти од трошоците за изградба на фасадата, за топол дом, а со тоа да го заштитиме нашиот амбиентален воздух“, истакна Мицкоски.

На вечерашниот собир во Битола, претседателот на ВМРО ДПМНЕ најави нов пристап во економијата и најнизок данок во 2021 година, односно најнапред 9 проценти рамен данок, а потоа во 2022 година, 8 проценти.

„Најнизок данок во Европа за да покажеме како можело со најнизок рамен данок во Европа да се покрене економијата и да се отворат нови работни места. Ние се залагаме за навработеност под 10 проценти, за вработувања на младите до 29 години без данок за работодавачот, без персонален данок на доход за работодавачи, 2,5 милијарди денари за образованието, спортот и културата, односно оние 3 репресивни денари кои што беа воведени за акцизата ќе ги расчлениме и ќе ги вратиме назад кај народот“, предочи Мицкоски.

Во пресрет на изборниот ден, во пресрет на 15 јули секој од нас ќе си го постави прашањето, дали имав можност и дали направив доволно за мојата нација, за мојата држава, да бидам активен, а не пасивен, запраша Мицкоски и порача:

„Сега е време честа и судбината да ги земеме во наши раце, сега е време да го победиме нашиот политички противник и да му покажеме дека можело поинаку, дека можело да биде поразлично. Кога ни е најтешко, треба да сме најсилни и да се бориме за тоа во што веруваме, а веруваме во една огромна, победа на коалицијата преводена од ВМРО ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.

На вечерашниот промотивен митинг во Битола, носителот на листата кандидати за пратеници во ИЕ5 Игор Дурловски ги презентираше програмските приоритети во областа на здравството, економијата, образованието…

„Битола заслужува многу повеќе. Ќе работиме заедно да создадеме квалитетен живот за сите. Ќе реализираме проекти кои ќе донесат економска сигурност, владеење на правото, квалитетно образование и модерно здравство“, рече меѓудругото Дурловски на плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.