Мицкоски: Македонија и македонскиот народ заслужуваат датум за почеток на преговори, очекувам разум во ЕУ, но и кај новата бугарска власт

Очекувам дека ЕУ ќе застане на патот на бугарските хегемонистички и непринципиелни барања и дека ќе го испорача заслужениот датум за преговори на Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Илинден.

Мицкоски упати апел до македонските сојузници во Брисел да конечно им застанат на патот на овие хегемонистички барања и непринципиелни опструкции кои се вршат врз Македонија и се бараат решенија векови наназад за нешто што треба да го живееме во иднината.

– Тоа е невозможно, ние денеска да бараме решенија за работи кои се случиле пред неколку векови и кои се историски факти, а да зборуваме за иднината. Тие работи се контрадикторни, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна дека Македонија и македонскиот народ го имаат заслужено датумот и почетокот на преговори и затоа очекува не само разум во ЕУ туку и кај новата бугарска власт.

– Очекувам разум кај новиот мандатар кај нашиот источен сосед, кај нивниот претседател и конечно оваа вештачка блокада да биде тргната и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Мицкоски.