Мицкоски: Матурантите се во право, поддршка за нив и наставниот кадар врз кој МОН прави притисок, партиите да ги поддржат законските измени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната изјава одговорајќи на новинарски прашања дали очекува од другите политички партии да ги поддржат измените на Законот за средно образование кои што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ги поддржува матурантите и наставниот кадар бидејќи како што вели тој тие се во право и ги повика сите пратеници да го поддржат законот бидејќи на тој начин ќе се надминат сите недоразбирања.

-Очекувам сите политички партии во рамките на парламентот да ги поддржат матурантите, бидејќи матурантите се во право. Можеби на јавноста не и е јасно, но сакам еве и јас од името на професорите, не од името на политичарите, да ги поддржам матурантите, да го поддржам и наставно образовниот кадар во основните и средните училишта, кој што негодува практично на т.н реформи кои што се прават во оваа зграда, во една канцеларија од каде што претпоставувам сега не гледа од високо, која што поима нема, абер нема што е образование, ниту пак реформи во образованието. Ги поддржувам сите нив во нивните намери, затоа што и матурантите и наставно образовниот кадар се во право. И ги повикувам пратениците во парламентот да го поддржат законот на опозицијата кој што беше поднесен, затоа што на тој начин ќе бидат надминати сите недоразбирања. А кои се недоразбирањата, вие знаете дека на почетокот на учебната година, учебната година доцнеше еден месец поради неспособноста на надлежната да обезбеди услови за следење настава на учениците во Македонија. Наместо да почнеме во септември, започнавме во октомври. Им беше ветено дека ќе бидат скратени содржините, што не се случи, со исклучок на еден предмет неколку содржини, а дел од часовите за повторување и проверка на знаењето, не беа одржани. Голем дел од наставниот кадар, поради пандемијата и второстепената неспособност на власта да се справи со пандемијата, беше отсутен од наставно образовниот процес. Сето тоа доведе да оваа учебна година, биде навистина невозможно да се следи на начин на кој што претходно беше предвидено, посочи претседателот Мицкоски.

Што бараат матурантите. Да биде бројот на задолжителни предмети кои што ја полагаат државната матура, не училишната, оние кои што одлучуваат да го продолжат своето образование на универзитетите, да биде намален. Она што им се нуди од страна на власта и преку државниот испитен центар, материјата да биде олеснета, односно да имале олеснети прашања. Според кој критериум и според која скала ние можеме да мериме кои се тврди и силни прашања, а кои се меки и лесни прашања. Комплетно неспособни луѓе се занимаваат со работа која не ја владеат. Единствено нешто што знаат е во услови кога имаме руинирани училишта, кога имаме искршени прозорци, руинирани тоалети, невозможни услови за следење на настава, да потрошат 25 милиони евра заем кој што допрва ќе го земат од една од меѓународните институции за обуки и за криминал. Тоа е единственото нешто што оваа министерка која се наоѓа на еден од спратовите на оваа зграда зад мене, го нуди на учениците и на образовниот кадар.

-Затоа ги повикувам колегите пратеници, немојте да следите партиски наредби, немојте да ги правите грешките од минатото, оставете ја Мила Царовска и Зоран Заев и луѓето скапо платени за нивниот пи-ар, кој што гледаме дека и тоа не им врви од рака. Подржете го она кои што го бараат вашите синови, ќерки и внуци, подржете ги предлагачите и оние луѓе кои што ги образоваат тие луѓе. Нека не биде тоа предлог од ВМРО-ДПМНЕ, застанете сите пратеници и потпишете се на иницијативата, сите заедно во рамките на Парламентот да ја подржиме таа иницијатива без разлика дали се од ДУИ, СДСМ, Алтернатива, Алијанса и ВМРО-ДПМНЕ. Немојте да создаваме генерации кои што неправилно ќе се формираат. Не се тие виновни што имаме неспособна Влада. Тие луѓе го заслужуваат вистинското образование, нагласи Мицкоски.