Мицкоски: Милијарда евра недостигаат во Буџетот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување на емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија кажа дека СДСМ со својата неспособност ја донеле економијата во катастрофална состојба.
Мицкоски потенцираше дека милијарда евра фали во буџетот на државата, а капитални инвестиции нема.
„Овие три години од 1-ви јануари 2018-та година до 31-ви декември 2020 година бруто домашниот производ (БДП) во Македонија е пораснат за 700 милиони евра, јавниот долг пораснал за една милијарда и 700 милиони евра, една милијарда фали, ја нема“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека власта континуирано се задолжува додека видливи разултати од тие задолжувања нема и нема додадена вредност туку напротив јавниот долг континуирано расте.
Мицкоски притоа направи споредба со кризата во 2007 година и кажа дека тогаш БДП пораснал за 4,3 милијарди евра, а дека долгот пораснал за само 2,9 милијарди при што имало додадена вредност од 1,3 милијарди за разлика од сега кога БДП е пораснат за 700 милиони евра додека јавниот долг пораснал за милијарда и 700 милиони евра.
„Споредете ги сите држави во светот вие можете да позајмите една милијарда и 700 милиони и тие да ги деноминирате со инфлацијата ако ги вратите назад и ќе бидат милијарда и 500. Еве да речеме, бидејќи е тешка година, но не можат да бидат 700 милиони. Еве две тешки години имаше, и 2009-тата и 2012-тата, во еден друг период. Еве да го анализираме периодот 01.01.2007 до 31.12.2016, БДП пораснал за 4,3 милијарди, а долгот пораснал за само за 2,9 милијарди, нели безмилосно се трошеа парите, а имаме додадена вредност од 1,3 милијарди. Нели тогаш СДСМ јавно зборуваше дека безмилосно се трошеле парите, дека оделе во непродуктивни трошења, еве го гледаме градоначалникот како на едно друго интервју кажува дека ќе биде во улога на Талибанец ќе рушел во Скопје со чеканот итн. Но, тогаш имаме раст на БДП од 1,3 милијарди. Сега имаме одземен БДП од една милијарда, тоа е проблемот, тоа е суштината“, заклучи Мицкоски.