Мицкоски му даде целосна поддршка на Чулев и порача дека законот мора да важи исто за сите

Сакам да ги искоментирам оние настани кои се случуваа во општината Гази Баба во минатите денови, во делот на населбата Сингелиќ, каде што една помала толпа на граѓани се обиде да манифестира револт прекршувајќи го законот и прекршувајќи вонредната состојба која што владее во државата, притоа доведувајќи ги во опасност и сопствените, но и загрозувајќи ги животите на сограѓаните.

Ова го истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето денешно видео обраќање.

-Истовремено сакам да изразам полна поддршка на техничкиот министер на МВР г-дин Наќе Чулев кој што делуваше резолунтно и веднаш поднесе кривична пријава против трите лица кои практично го иницираа сето ова кое потоа следуваше а беше манифестирање на револт и групно кршење на законите и вонредната состојба во државата. Истовремено го охрабрувам МВР да извршат целосна идентификација на сите оние лица кои што го прекршија законот и вонредната состојба во државата и ги доведоа во опасност животите на нашите сограѓани и против истите да бидат поднесени соодветни пријави како кривични така и прекршочни поради тоа што ги прекршиле законите и ја прекршиле вонредната состојба која што во моментот е акивна во Македонија. Законот мора да важи за сите, без разлика на партиската припадност или партиската не припадност, без разлика на националната припадност, законот мора да важи за сите на целата територија на Република Македонија, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките.

-Би сакал до сите граѓани на  нашата држава да упатам апел да ги почитуваат препораките на СЗО бидејќи на таков начин се штитат самите себе, но и го штитат здравјето на нашите сограѓани. Најпрво да ја поразиме здравствено пандемијата, затоа што само здрави луѓе можат Македонија да ја вратат на победнички пат, истакна Мицкоски.