Мицкоски: МВР се однесува аматерски, директори на училишта добиле насоки да ги игнорираат дојавите, Пендаровски молчи, а МОН е епски неспособно

При денешната посета на општина Гази Баба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за континуитетот на закани за бомби по училиштата и дали е тоа слабост на системот, истакна дека МВР се однесува аматерски. Директорите на скопските училишта добиле насоки од МВР да ја игнорираат електронската пошта, претседателот Пендаровски молчи и тактизира и не свикува совет за безбедност, а во МОН има епска неспособност.

„Добив уште една уште пошокантна информација, не знам колку е точна, треба да се провери, со неколку директори во училиштата во Скопје и во основните и во средните, дека биле посетувани, повторно поставувам како дилема, од припадници на министерството за внатрешни работи и советувани да ги игнорираат дојавите што стигнуваат на службените емаил адреси, како тоа да не се случува, па дури и некои биле советувани и воопшто да не ја отвораат електронската пошта. Со други зборови претседателот молчи, кога треба да е најгласен, наместо сега кога сме цел на хибриден напад да го свика Советот за безбедност. Тој молчи, тактизира, не добива насока од неговиот стопан, ќе го слушните тука таму со по некоја егзибионистичка изјава. МВР ако ова е точно, аматерски се однесува, односно наместо да спречи и да превенира,  дополнително ја загрозува безбедноста на учениците, а МОН… немам што повеќе да додадам за тој министер, кога измина годината, а сѐ уште нема учебници. Станува збор за епска неспособност и епски најнеспособниот министер што за жал поради определени коалициски гимнастики, се уште е министер за образование. Но, не за долго. Месеци не делат кога конечно Македонија и граѓаните ќе се ослободат од овие неспособни луѓе и ќе дојдат луѓе кои знаат како да се справат со предизвиците. За жал повторно ќе кажам, ние се соочуваме со максимално криминални и неспособни политичари, кои немаат стратегија и не знаат како да се справат со предизвиците, а жртва се најмилите. Тоа се нашите деца, учениците, без разлика дали во основните или во средните училишта. После егзибициите со КОВИД денеска еве со месеци сме сведоци на епска неспособност од страна на надлежните и ресорни министерства“, нагласи Мицкоски.