Мицкоски: На последната лидерска средба Ковачевски читаше од напишаното на хартија пред Ахмети, нам таква нова парада не ни треба, подобро да нема таква средба

Моето искуство за лидерските средби со Димитар Ковачевски се темели на два настана, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата 360 Степени на телевизија АЛСАТ М кој ја коментираше најавената лидерска средба за која сеуште нема официјална покана и додаде дека и на двете лидерски средби Ковачевски пред себе имал лист хартија од која читал и откако го прочитал средбите завршиле без некаква суштина и заклучок.

„Првиот настан е откако го прифати последниот предлог во јавноста познат како француски предлог во Клубот на пратеници, дојде со ливче од кое што читаше. Му ги кажав забелешките и тој тогаш даде одговор од тоа јас што му кажав и заврши лидерската средба, си дадовме секој своја изјава, добивме прашање од новинарите и си заминавме. Потоа организираше тој условно кажано една лидерска средба во поширок формат во рамките на парламентот. Дојде на таа лидерска средба придружуван од Али Ахмети и Талат Џафери. Присуството на Талат Џафери беше во улога на домаќин бидејќи се случуваше во македонското собрание. Повторно имаше пред себе неколку листа хартија, исчита што му беше напишано, секој од присутните си кажа свое мислење и потоа излеговме сите надвор, дадовме изјава и повторно ништо не се случи“, истакна Мицкоски.

Порача дека доколку Ковачевски очекува да има нова лидерска средба која ќе помине како двете претходни, без суштина и заклучок, подобро и да ја нема.

„Ако имаме лидерска средба или тимска средба, без разлика како сакате наречете ја без суштина, без заклучок, подобро да ја немате. Зошто да ги оптеваруваме граѓаните“, смета Мицкоски.