Мицкоски на средба со Дол: Македонија во светот ја препознаваат како земја во која корупција заштитена од државата

Светските организации ја препознаваат Македонија како произведувач на корупција која е заштитена од државата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако во вторникот попладнето во рамките на својата сводневна посета на Брисел оствари средба со челникот на Европската народна партија (EPP), Жозеф Дол.

На средбата било дискутирано за актуелната политичка состојба, предизвиците со кој македонската држава се соочува, како и за заемната соработка со Европската народна партија, информираат од партијата. Мицкоски притоа ја истакнал загриженоста за состојбите со корупцијата и криминалот во државата.

„Светските организации Македонија ја препознаваат како произведувач на корупција која е заштитена од државата. Тоа го говори и последниот извештај на Транспаренси Интернешнл кој државава ја сместува на дното во Европа. Тука е и тешката економска состојба, речиси најмалиот БДП во Европа со најмалиот економско раст во Европа. Со вакви стандарди наметнати од власта европската перспектива е загрозена“, истакнал Мицкоски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, посочил дека сево ова, како и упорното бегање од предвремени парламентарни избори кои би гарантирале заштитно механизми, отвора сомнеж дека власта сака да организира фалсификат на претседателските избори.

„Побаравме од европските партнери, организирањето на фер и демократски избори да се постави како предуслов за напредок на европската агенда и добивање на позитивна оценка“, истакна по средбата Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.