Мицкоски: На Заев му понудивме помош за евроинтеграциите, ВМРО-ДПМНЕ се ангажираше за добивање датум

Македонија поради две причини не доби датум за почеток на пристапните преговори за полноправно членство во Европската унија во најавениот рок, а една е незадоволителната работа во поглед на реформите, оцени челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на гостувањето на Алфа телевизија истакнувајќи дека опозицијата се ангажирала кај партнерите во ЕУ, но оти власта не одговара позитивно на понудата од опозицијата за синхронизирано настапување.

„Прво немаме доволно реформи, се тоа е убаво на хартија, за жал имплементацијата изостанува. Од последната афера со Рашковски па наназад, се се нотира во извештаите на земјите членки на ЕУ, они се сведоци на овој криминал и злоупотреби на судството. Вториот столб е тоа што Заев е уценет човек од неговиот ментор Еди Рама, ги соединија Македонија и Албанија во патот кон ЕУ. Жртва сме во овој процес и нема да добиеме дата за отпочнување преговори со ЕУ, ниту во јули нема да добиеме“, рече Мицкоски

Додаде дека на премиерот Зоран Заев му понудил помош во евроинтеграциите, но дека не добил одговор.

„Му рековме ‘не ни треба да влеземе во влада да делиме влада со тебе, но да ви помогнеме до октомври заеднички да успееме да ја донесеме Македонија пред добивање датум’. Неколку седмици поминаа немаме повратен одговор, оваа понуда не е со неограничен период, таа престанува да важи“, рече Мицкоски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да лобира за ова прашање кај своите сестринските партии во Европската унија.

Посочи дека отсега ВМРО-ДПМНЕ ќе лобира со свои сили и ќе стори се што е возможно Република Македонија да добие датум за преговори, а граѓаните да не бидат казнети поради Зоран Заев.

„Еве летото помина, помина јуни, јули еве го дојде, велеа јуни, јас повторно велам ниту јули нема да биде. Па сега се репроектира датумот некаде во октомври, правдајќи го тоа како некакви технички причини и слично. Од оваа перспектива неколку недели потоа дадовме понуда до Зоран Заев и рековме, нас не ни треба да влеземе во Влада, еве не сакаме. Јавно и тогаш кажав не ни треба да делиме Влада со тебе како премиер на чело на таа Влада. Ние едноставно сакаме да ви помогнеме да во периодот до октомври колку толку успееме заеднички да ја донесеме Македонија пред добивање датум за отпчнување преговори со ЕУ. Неколку недели поминаа немаме повратен одговор од Владата, ниту се формирани работни групи и слично. И јас еве можам да кажам дека оваа понуда не беше со неограничен рок, таа престанува да важи, ВМРО-ДПМНЕ ќе си го фати својот пат ќе се обиде на начин на кој што ние знаеме и умееме да ги убедуваме нашите партнери од сестринските партии да го поддржат датумот за отпочнува преговори на Македонија со ЕУ“, истакна Мицкоски.