Мицкоски најави нови кадровски поместувања и освежувања во ВМРО-ДПМНЕ

Доколку дојде до предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но ние мора претходно да завршиме определени активности пред да дојдеме со самиот процес на тие вонредни или брзи избори, рече челникот на најголемата опозиска партија Христијан Мицкоски во своето гостување на Алфа.

„Имаме изборен законик, каде што е наведено од последните лидерски средби се договоривме кога ќе дојде ред за предвремени парламентарни или редовни избори, 100 дена имаме Влада која ќе биде по Пржинскиот модел. Претпоставувам Заев и групата околу него ќе се обиде и тоа да го прекрши и ќе проба да направи брзи избори за 45 до 60 дена, но повторно не може да избега од пржинскиот состав на Владата која во тој момент би била. Но, ние инсистираме на почитување на законите. Ако не се почитуваат законите и договореното, тогаш треба да знаат граѓаните во Република Македонија дека повторно има индиции за нова, масовна кражба на гласовите на граѓаните во Република Македонија“, рече Мицкоски.

Следно, вели Мицкоски, мора сторителите на девијантно однесување, да бидат изведени пред лицето на правдата. За тоа да се случи, смета тој, треба да има нов јавен обвинител, во кој народот ќе верува.

Мицкоски најави притоа и промен во ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто е во полн ек. Завршено е внатрешното консолидирање на самата партија. Имаме нови претседатели на општинските организации, Извршен комитет, структура на партијата. Во периодот што следи ќе имаме и одредени кадровски поместувања, ќе имаме нови кадровски освежувања во партијата. Во периодот кој следува ќе имаме формирање на два нови совета на Извршниот комитет, но и Советот на претседателот на партијата. Таму ќе бидат инкорпорирани луѓе кои што се универзитетски професори, професионалци, специјалисти во одредени области. Така што, во периодот кој следува, во ВМРО-ДПМНЕ ќе се случи определено кадровско доекипирање. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја јакне својата структура и да биде појако од сето она кое се случуваше изминатиов период“, порача Мицкоски.