„Јас би сакал договор повеќе за обединување со граѓаните на Република Македонија, со македонскиот народ со останатите граѓани во Република Македонија и токму тоа го правевме ние како ВМРО-ДПМНЕ. Се обединивме со народот и приоритет ни беа интересите на народот и на нашата татковина и во името на тоа работевме во изминатиот период“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното гостување во емисијата Отворено на ТВ 24.
Мицкоски потенцираше дека поминува тоа време кога партиските интереси биле во прв план а државата и интересите на граѓаните во втор план, нагласувајќи дека тој како претседател на ВМРО-ДПМНЕ и неговите соработници ќе се обедини со македонскиот народ и со граѓаните на Република Македонија.
„Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, моите соработници, пратениците, буквално сите работиме во насока на тоа а што е заедничка цел на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија да се обединиме и во едно ехо да испратиме порака дека ни е потребен тој датум за да го почнеме нашиот пат кон таа заедничка цел. Јас повеќе сум за едно такво обединување,,а тоа е обединување со македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а тие кои што мислат да се обединуваат со Зоран Заев нека повелат, но сметам дека тоа не мудра одлука“, изјави Мицкоски.