Мицкоски: Не е храброст да потпишеш се што ќе ти стават на маса, па она што Заев го направи со Бугарија ниту Љубчо и Цар Борис заедно не го направија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Битола истакна дека храброст е да поставиш црвени линии и да се бориш за сопствената држава и народ, а не како Заев да потпишеш се што ќе ти стават на маса, затоа што тоа што Заев досега го направи за Бугарија, ниту Љубчо и Цар Борис Заедно го направиле.

Мицкоски вели кога Заев се фали дека носи храбри одлуки, цела Македонија го моли да не биде толку храбар затоа што тоа што Заев го нарекува храбра одлука всушност е штета за народот и државата и дека среќата на Заев е несреќа на Македонија.

-Кога Заев вели дека носел храбри одлуки, сите ние го молиме да не биде храбар, затоа што на Бугарија има направено толку добро колку што Љубчо и цар Борис немаат направено заедно. Не е храброст да потпишуваш сè што ќе ти стават на маса, туку да ги штитиш интересите на својот народ и земја. Храброст е државата без отстапки да ја внесеш државава во Европската Унија, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека храброст е да се бориш за среќата на својот народ за оваа држава да не се врти во круг 30 години во затворен круг, но и да не се дозволи омаловажувања на народот.

-Храброст е да се бориш за стандард, повеќе пари за народот, повеќе услови за здравство, подобро образование. Храброст е да не се вртиме во круг цели 30 години. Храброст е да се бориш против криминалците, без оглед каде се, од каде се и со кого се. Храброст е да поставиш мерка за работите што се важни, јасно да ставиш до знаење до каде можат да одат барањата на тие кои сакаат да нè омаловажат, рече Мицкоски.

Тој додаде дека генерации поминаа во исчекување за некакви промени, некакво подобро утре, а секоја надеж завршуваше со разочарување, секоја нова искра завршуваше со нов ќорсокак.

-30 години видовме баш сè. Ние бевме генерација која сонуваше за отворена Европа, за Рим, за Париз, за Лондон на дланка. А добивме нови ѕидови, нови разочарувања. Младоста ни помина во конфликти, превирања, ограбени фирми, луѓе што остануваа без работа, изјави Мицкоски.