Мицкоски не го откри кандидатот за градоначалник на Битола, но очекува ново парламентарно мнозинство по локалните избори

76

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не го откри кандидатот за градоначалник на Битола каде присуствуваше на  роденденот на формирањето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– Да се ослободиме од неспособноста, од криминалот и од корупцијата овде во Битола и да биде Битола за сите луѓе, а не само за неколкумина поединци, криминалци и луѓе коишто во изминативе четири години безмилосно ја пљачкаат Битола, изобилуваат со безидејност неспособност и луѓе коишто навистина ја вратија Битола во средниот век, а Битола тоа не го заслужува – рече Мицкоски.

Тој рече дека очекува после локалните избори во октомври Битола да го добие повторно оној сјај којшто го заслужува, а тоа е единствениот би рекол конзулски град во нашата Македонија.

– Очекувам една голема победа на ВМРО–ДПМНЕ на локалните избори затоа што ќе понудиме нова структура на кандидати за градоначалници, од нив дури 95 отсто се нови луѓе кои по прв пат ќе ја бараат поддршката на граѓаните. Сè уште немаме одлучено кој ќе биде кандидат затоа што сè уште се одвиваат анкетите и мерењата, и сè уште се собираат проекти со коишто ќе излеземе пред битолчани, но во втората половина на месец август ќе зборуваме за конкретни имиња како и за проектите кои ќе ги промовираме пред битолчани. По локалните избори очекувам нов ветер на политичката сцена и ново парламентарно мнозинство- истакна Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.