Мицкоски негира дека ДУИ условувала за формирање заедничка влада

„Разговараме со сите политички партии и ако најдеме заеднички интерес, не гледам пречка да потпишеме договор за предизборна коалиција или, пак, да оставиме за понатаму после изборите да ги нивелираме ставовите и да формираме коалиција, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција. Тој рече дека досега никој од ДУИ не го условувал за формирање заедничка влада, ако по изборите тој биде мандатар.

„На нивото на кое комуницирам со раководството на ДУИ, не сум слушнал ваков тип на условување. Вие реферирате не една несреќната изјава на министерот за економија која според мене беше погрешно протолкувана. На нивото на кое ние комуницираме, таков тип на комуникација не постои – рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата порача дека ќе понудат програма која ќе даде резултати на краток рок и граѓаните уште во првите сто дена ќе ја почувствуваат новата политика за разлика од случаите со оваа и со некои минати влади. Сѐ уште нема одлука за предлозите на ВМРО ДПМНЕ за министри и заменици во техничката влада.

На прашањата за избор на државен ревизор, за Законот за јавно обвинителство, измени во Изборниот законик во однос на финансирањето на партиите и кампањата, Мицкоски посочи дека е оптимист дека може да се решат пред одржувањето на предвремените избори, на 12 април 2020.