Мицкоски: Нема да дозволиме мафија да ни ги потроши и следните четири години

Јас и ВМРО-ДПМНЕ имаме еден противник – СДСМ и Зоран Заев кои создадоа елитизирана каста обединета од криминалот. Оваа власт ќе падне на граѓански протести, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле.

По изборот на новата Влада, јавно им одговори на иницијаторите за нов Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и за избор на ново партиско раководство: соопшти дека нема намера да поднесе оставка, бидејќи тоа им оди во прилог токму на оние против кои партијата се бори. Најави жестока битка за поразување на пактот меѓу власта и политичко-криминалното подземје кое се нуди како опозиција на опозицијата за да се спаси власта. Во разговор за Дојче Веле, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говори за претстојните активности на партијата со кои планира да ги реализира најавените цели.

ДВ: Почнавте со кадровски освежувања на раководни позиции во општинските комитети, Унијата на млади сили, следат промени и во Унијата на жени. Од друга страна, иницијаторите кои се залагаат да заминете од лидерската позиција, предвидуваат дека без таа промена партијата ќе изгуби на локалните избори. Дали овие освежувања ќе ви помогнат да ги демантирате опонентите во следниот изборен циклус?

– ВМРО-ДПМНЕ има несомнено најголем демократски капацитет споредено со другите партии од власта. Донесовме убедливо најдемократски статут кој овозможува голема децентрализација во носењето на одлуките во партијата, а тоа беше поздравено и од нашите европски партнери и партии. Имавме доблест да се извинимеза оној дел од политиките кои биле грешка во минатото, затоа што ние имаме искрен и доблесен однос за разлика од нашиот политички противник. Спроведуваме кадровско доекипирање, своевидна катарза која дава шанса на нови лица што се желни да работат за справување со актуелната власт и со сето она што таа го претставува. Јас и ВМРО-ДПМНЕ имаме еден противник: тоа не се самонаречените иницијатори од хотелската коалиција, кои патем немаат поднесено иницијатива за Конгрес за кој толку многу говорат и го најавуваат, туку за противник го имаме изворот на лошиот живот во државата, а тоа е СДСМ и Зоран Заев кои во државата создадоа поларизираност и една елитизирана каста која ја обединува криминалот. Во таа каста, што јас ја нарекувам мафија, обединувањето не е по партиска припадност, туку по интересот за пари и власт, бидејќи таму гледаме дека ликови од различни провиниенции се едно исто. Е јас, заедно со народот се бориме токму против тоа. И навистина морам да потенцирам дека во општествениот дискурс наметнаа една шизофрена состојба, која е мотивирана и потхранувана од власта, а тоа е создавање на чувство и перцепеција дека за сите неправди, криминали, поларизирања, сиромаштија и економска стагнација не се виновни оние кои се извор на тоа, а тоа е СДСМ и целокупната власт, туку дека е виновна ВМРО-ДПМНЕ која тоа не го спречува, иако ние како партија со сите наши сили се бориме против тоа зло.

Замислете – ние имаме состојба која се гради низ медиумите дека треба да се прослави, на пример, спроведување на законот со рушење на дивоградбата во ‘Мавровка’ кои сами дозволија да се изгради, и сега тоа е вест, а всушност треба да биде рутинска работа на државните органи кои пропуштиле да си ја завршат работатата. Но народот е целосно свесен со што си има работа и допрва нѐ чека напорна работа и многу труд за рушење на овој хибриден режим. Освежувањата кои ги правиме ќе бидат нова енергија во таа борба против власта и верувам во успех. Во државава има огромно опозициско расположение.

ДВ: Веќе најавивте жестоки протести на есен. Што очекувате да постигнете со нив?

-Оваа власт, оваа количина на омраза и поделби креирани од власта, толкава количина на зло, не се руши со еден потег. Тоа е долга борба и оваа власт ќе падне на рати. Изборите кои поминаа беа почетокот на крајот на падот на власта на Заев. Нема нова енергија со старите и истрошени кадри во Владата, која не понуди ништо ново. Воедно тие ги понудија старите ветувања, а нови се само долговите. Оваа власт ќе падне на граѓански протести, а опозицијата ќе се окрупнува. Следува широк опозициски фронт кој ќе биде израз на револт за сиромаштијата, за долговите кои ни ги оставаат и за неправдите кои ни ги причинуваат. Што се изгради за овие четири години? Ние немаме уште нови четири години за да и ги дадеме на мафијата да ни ги потроши. И морам да прокоментирам еден дел од таа шизофрена и нереална ситуација која се наметнува поради медиумското окупирање на власта, а тоа е чувството дека ВМРО-ДПМНЕ не правело протести. Ќе ве потсетам на протесните маршови ширум државата, на протестите по градовите и марширањето што таму се случуваше. Сега следува одново граѓанско здружување. Бранот на промени веќе почнува во државите во регионот, а Заев нема да биде исклучок. Ќе повторам, има огромно опозициско расположение. Бројките покажуваат дека повеќе луѓе на последните избори гласаа за опозициските партии откоку за власта.

ДВ: ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критуваше програмата на Владата, во сите сегменти. Постои ли барем една точка во која се согласувате со мерките што ги предлага вашиот политички опонент?

-Мерките кои ги спроведе во изминатите месеци беа мерки за изборен поткуп. Тие потрошија една милијарда евра, а немаме никаков капитален проект или нешто видливо што изградија. Ако правилно се искористија тие мерки, ќе имавме финансиска стабилност која фактички ја немаме. Времето ги демантираше. Фактот што за пет месеци имаме четириесетина илјади невработени говори за тоа дека Владата има целосно фијаско во економијата. Значи 40 илјади семејства се борат со помислата како да го преживеат денот. Над 100 илјади семејства живеат со помалку од 50 денари дневно. Тоа е поразително. Што направи Владата? Големо ништо. Ние смее уникатен пример што во време на корона- криза пропадна банка, скандал тежок 200 милиони евра. Притоа целосно се заборави на кој начин министерката предвреме ги извлекла парите од банката, или на кои фирми од Струмица се давани тие неповолни кредити поради кои пропадна банката. Втората уникатност е по тоа што во време кога сите влади им помагаат на граѓаните, македонската ја поскапи струјата. Екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија и милионски тендери за агенција за обезбедување, која е исто од Струмица. И во тој поглед навистина не се остава простор било што да се пофали. Во нивно време се одлеваат инвестиции, наместо да се привлекуваат. Поентата не е да се фалат дека ќе имаат 600 евра просечна плата, или поголеми пензии. Јас би сакал тоа да е помножено со два, но проблемот е во реализацијата и во отсуството на стратегија. Не постои простор за фалење, кризата со Ковид-19 трае од март, а тие во септември немаат план за почеток на училишната година. Тоа кажува дека не се знае каде тераат.

ДВ: Во еден период предупредувавте дека има непристојни обиди за преземање на ваши пратеници од страна на мнозинството. Такво нешто досега не се случи. Стравувате ли сѐ уште дека може да биде загрозена компактноста на вашата пратеничка група?

-Такви обиди постоеја, и јас за тоа говорев. Но пратеничката група остана компактна и покажа дигнитет и почит, пред се, кон граѓаните кои гласаа. И точно знам со каков противник си имаме работа и со каков пазарџиски менталитет, па затоа и не верувам дека ќе престанат обидите за придобивање на некој пратеник, или пак за уцени. Тоа покажува дека Владата е на стаклени нозе и подготвена на секаква подла игра. Но тоа граѓаните ќе знаат да го казнат доколку се случи.

ИЗВОР: ДОЈЧЕ ВЕЛЕ