Мицкоски: Ни бега големата слика, јавноста се занимава со коалиции, а никој не зборува за тешкиот живот

Во вечерашната дебатна емисија “Што не е јасно?” на Алфа телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски, кој се осврна на моменталната политичка ситуација, одржаните предвремени парламентарни избори, како и за очекувањата по изборите и можните коалицирања и обезбедувањето парламентарно мнозинство.

Мицкоски вели дека како општество кое што се соочува со голем број на отворени горливи проблеми, едноставно не се фокусираме на големата слика, односно таа не е ниту на видикот. Република Македонија не се соочува само со политичка криза, туку тука се уште пострашните кризи, односно економската и здравствената, вели Мицкоски.

„Се повеќе се зборува за можните коалиции, формирањето на ново парламентарно мнозинство, а не се обрнува внимание на она кое што секој ден ја турка државата во бездната. Здравствената криза предизвикана од Ковид-19 вирусот која што резултира за жал и голем број смртни случаи е во моментов главната точка на која што мора да се посветиме максимално, а потоа веднаш на економската криза која што е длабоко навлезена во бездната и само со сериозни мерки и чекори ќе може да се стабилизира и да застане на нозе”, вели Мицкоски.

Граѓаните на Република Македонија се соочуваат со лош животен стандард, сериозни секојдневни проблеми кои ги спречуваат во секојдневниот живот, се соочуваат со огромна сиромаштија, но за тоа во моментот никој не зборува, додава Мицкоски. Дефокусирањето од реалните проблеми се манипулации на кои што мора да им дојде крајот. Политиката е политика, но реалноста е дека граѓаните на Република Македонија имаат сериозни проблеми кои што мора да се решат. Едни од нив се здравствената и економската криза, кои во моментот се повеќе од круцијални, заврши Мицкоски.