Мицкоски: Ништо да не правите во економијата ќе биде подобро

Нула проценти е растот во 2017 година, го проектиравте на 2,6 со ребалансот, па потоа крајот на ноември на 1,6 го нивелиравте иако цел свет ви велеше и Светска банка и ММФ и јас дека нема да го постигнете, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Верувајте и сега на Светска банка и ММФ кои се скептици дека и 3,2 отсто ќе биде во 2018 година едните го намалија на 2,8, другите на 2,2. Дај Боже да биде 3,2 проценти, еве јас ви велам ништо да не правете, оставете ги бизнисмените сами ќе си ја дигнат економијата на 3,2. Инаку 1,2 проценти во последниот квартал во услови кога целиот свет бележи, двоцифрени бројки на раст на бруто домашниот производ, особено за развиените земји, во Европа имаме ренесанса на економијата, во Унгарија, Бугарија, Словенија по 5,6 проценти раст на БДП. Бев кај премиерот на Унгарија Орбан, срам ми беше да го погледнам во очи бидејќи ми кажа дека неговата земја расте 5 проценти, додека ние сме нула“, рече Мицкоски.

Посочи дека за да има 500 евра просечна плата, како што вети Заев, па дури и на крајот на неговиот мандат дури и тоа да бидат редовни парламентарни избори во 2020-тата, ќе треба да има номинален пораст на платите на вработените за 11 отсто годишно.

„Вие, во вашите макроекономски показатели, објавени транспарентно како што велите, на сајтот на Министерството за финансии, објавувате дека 2018 година ќе ја завршите со номинален раст на платите од 4 и реален од 2,3 отсто. Знаете колку е далеку 11 проценти? Барем пет пати од тоа повеќе. Чесно е да кажете ‘Луѓе, згрешивме. Ја утнавме работава, ве излажавме’. Чесно е тоа да го кажете“, истакна Мицкоски

Мицкоски, исто така, го праша премиерот дали за 260-те милиони евра имале предвидени проекти и дали во здравството немало проекти, на што Заев во одговорот призна дека во здравството немало проекти и морало да поништат тендер за да се гради нов клинички центар во Бардовци. Како реплика рече дека мора да изградат нов клинички центар „за да не умираат луѓето пред Нова Македонија“.

„Кој е тој граѓанин кој сака од неговите пари од 120 милиони евра, колку што беше предвиден проектот, да се префрли на половина милијарда и по можност никогаш да не се изгради клиничкиот центар“, возврати Мицкоски.