Мицкоски: Ништо не е готово, откажувањето не е опција

Некој ќе рече се е готово, се пропадна, јас ќе речам ништо не е готово, откажувањето не е опција. Владата веќе нема легитимет, а денот кога и да бидат изборите јас ќе ве потсетам да не верувате во оние кои веќе еднаш за се’ ве излажаа, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на своето обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба.

-Водењето на држава е како семејството. Сега ви дојдоа натрапници во дворовите, непоканати ви го заседнаа вашиот имот, ако не ги спречиме ќе дојдат и ќе ви го одземат ходникот, па кујната, па дневната, на крај ќе ви ја одземат куќата, а никој од вас нема да биде моќен да го повика соседот отспротива, бидејќи и тој ја има истата мака со натрапниците. Ако не го кренеме гласот сега против ова зло ќе продолжиме да ја губиме земјата, дел по дел, чекор по чекор. Затоа е потребно да се кренеме против да бидеме обединети и сложни додека не биде предоцна. Имаме земја која ја сакаме, на која сме горди и која немаме намера да ја изгубиме, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски подвлече дека Македонската Револуционерна Организација е најсилното движење на Македонците за ослободување и најсветлиот чувар на огнот за македонска држава, во која свој белег дадоа генерции и генерации храбри луѓе и кои со своето делување помогнаа за она што го имаме денес.

-И оние кои денес сакаат на сила да не оквалификуваат нас, кои како партија сме наследници на тоа движење, за антизападно ориентирани, ќе ги упатам нека погледнат најдобро во корените и во нашата историја. Организацијата во својата суштина е формирана со цврста верба кон западно ориентирните сили и вредности, и додека во регионот имале такви кои барале царства, монархии, ВМРО барала Република, напишала статут и Устав по моделот на САД, затоа што оваа организација била формирана од напредни припадници на македонската граѓанско движење, од Докторот Христо Татарчев кој се школувал во Берлин и Цирих, од книжевникот и трговец Иван Хаџи Николов кој се школувал во Австрија, од учителот Христо Батанџиев, од публицистот Петар Поп Арсов, Дамјан Груев кој се школувал во Солун Белград и Софија, и Андон Димитров кој се школувал право и правни науки во Цариград и во Лиеж, Белгија.

https://www.youtube.com/watch?v=GEtwbIfbMwI