Мицкоски ниту на Меркел не и ги кажа позициите на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот

Во Амбасадата на Германија канцеларката Ангела Меркел ја прими делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Лидерот на опозоцијата не ѝ го кажал ставот на партијата за референдумот на 30 минутната средба.

Ова беше тет-а-тет средба со канцеларката Ангела Меркел. Беше пријателска средба, како лидери на две сестрински партии. Главен акцент на разговорите беше претстојниот референдум. Јас ги истакнав позициите на нашата партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати овој договор со Грција. Ја запознав со нашата акција „Лето за Македонија“, која е во тек, укажувајќи дека ние како партија ќе се ориентираме според волјата на граѓаните. Во текот на наредната недела ќе имаат состанок партиските тела и конечно ќе ја утврдиме нашата позиција за референдумот на 30 септември, рече Мицкоски.

Меркел ја напушти амбасадата и замина кон аеродромот без да даде изјава, а претходно, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, таа кажа дека на лидерот на опозицијата ќе му го каже истото што му го кажала на премиерот.

За клучните прашања треба да има национална, заедничка одговорност и дека треба да се разговара заедно, изјави Меркел во Владата.