Мицкоски нуди решение за јавниот превоз-„Наместо за матни зделки на тајни средби, Арсовска и Ковачевски нека побараат попуст за милионскиот договор за нафта“

-Мојата порака, и до градоначалничката и до Ковачевски е, кога ќе се среќаваат на тајни средби во Владата, да договорат суштински работи што ќе им помогнат на превозниците, затоа што така им помагаат на скопјани. Хаосот што се случува сите луѓе ги фрустрира, ги прави нервозни и тоа не е добро и затоа треба барем кога ќе се состануваат на тајни средби, да излезат со некакво решение, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар за протестот на приватните превозни и одбивањето на Данела Арсовска да седне на маса и да разговара со нив за изнаоѓање на решение.

Мицкоски потенцираше дека тендерот за набавка на нафта во ЈСП Скопје не содржи член за рабат, односно попуст како сите претходни договори, укажувајќи дека доколку попустот е 6 денари за еден литар нафта и ако ЈСП троши дневно по 25 илјади литри, тогаш ќе заштеди 2.500 евра дневно, на месечно ниво 75.000 евра, додека на годишно ниво би се заштедиле 900.000 евра, односно како што рече, доволно за да се подмират приватните превозници и да се прекине сообраќајниот хаос.

-Изминатите денови во јавноста дел од партиските соработници на Ковачевски излегоа со договорот што ЈСП го има за набавка на нафта. Излегоа против нивниот партиски другар, што е директор на ЈСП и член на централното раководство на СДСМ. И таму за волја на вистината погрешно го цитираат членот 3 и велат дека има фиксна цена, што не е точно. Ако го прочитате подолу, во договорот ќе видите дека цената која ја плаќа ЈСП е врз основа на утврдената малопродажна цена на Регулаторна комисија и таа се нивелира од ден за ден. Но, што не содржи овој договор? Овој договор не содржи рабат или попуст кој што го содржале сите договори на сите минати раководства, дури и во времето на Петре Шилегов, и во времето на Коце Трајановски. А, тој рабат е 6 денари за еден литар. Ако дневно троши ЈСП 25 тона нафта, тоа се 25 илјади литри, со овие 6 денара тоа е 150.000 денара, или 2.500 евра на ден рабат односно попуст. Помножено со 30 дена тоа е 75.000 евра месечно, помножено со 12 месеци тоа е околу 900.000 евра. Еве ги парите за приватните превозници кои што ЈСП им ги должи, порача Мицкоски и додаде дека наместо парите да завршат кај приватните превозници тие завршуваат кај луѓе блиски до дуото Ковачевски и Арсовска, рече Мицкоски и додаде: Овие пари завршуваат кај лица блиски до дуото Ковачевски и Арсовска, роднини, соработници во делот на сметководството што секојдневно се наоѓаат во ЈСП и кажуваат кои фактури да се платат, а кои не.. Ако овие 6 денари беа дел од овој договор, еве ги парите и ќе бевме ние сите скопјани заштитени од ова што денес ни се случува.

Договорот кој што е потпишан е 2 годишен и вклучува 14 ипол милиони литри, тоа значат рабат од 1 ипол милион евра, еве ги парите само не треба да се крадат и да се местат тендери за резервни делови за семејството, треба да се вратат кај луѓето, дециден е Мицкоски.