Мицкоски: Очекувам гласови од сите заедници, ние се бориме за принципи, а не за застарен романтизам

Во своето гостување во вестите на Алфа телевизија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност да се придружат на опозицијата за заеднички да ја кренат Македонија како што вели тој од пепелта во која е сега поради власта на Заев и СДСМ. Тој истакна дека очекува гласови од сите заедници, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се бори за принципи, а не застарен романтизам.

Ние се бориме за систем за вредности да инсталираме, политики базирани на принципи. Јас не сум преоптоварен, ниту пак имам било какви националромантичарски концесии. Во принцип сакам да понудам вредности кон сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, без разлика на наивната етничка припадност. Ова е наша заедничка татковина, јас сум Македонец од Македонија и си ја сакам државата. Но без разлика ако граѓаните не се од македонскиот етникум и се од други етникуми тие луѓе се родиле во оваа држава, формирале семејства, се образувале, се радувале, тагувале и најверојатно најголемиот дел од нив ќе го завршат животот во Македонија. Си ја сакаат оваа држава. Се чесни граѓани. Луѓе кои што навистина си ја сакаат татковината. Нашиот повик е ајде сите заедно да направиме нов систем на вредности кои што оваа држава ќе ја дигнат од пепелта во која ни ја оставаат овие другиве. Затоа ги повикувуам Албанците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, Еѓипќаните сите буквално сите етникуми во Република Македонија е да ни се придружат заеднички да ја кренеме Македонија, вели Мицкоски.

Слика на капитулацијата на оваа влада, на срамот кој и го нанесоа на државата и нацијата се сменетите табли на институции, како и на владата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес тоа е секојдневие и тешка болна реалност за граѓаните, за Република Македонија. Ние сме луѓе горди на идентитетот, државата. Ние кога сме опозиција не може да се колнеме во најмилото, татковината дека нема да тргуваме со идентитетот, а потоа да се дојде до фотеља да правиме правиме се. Не, јас не можам така да постапувам, не јас не можам да бидам таков нечесен политичар“, рече Мицкоски.

Додаде дека има два начина да ја смениме реалноста потребни се два предуслови, 80 пратеници во Собранието и Бадентер.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се заколнал и во Армијата на Република Македонија дека ќе го брани државниот интегритет и суверенитет, дал заклетва на таа химна, под таа химна функционирал и ќе продолжи да функционира и нема компромис за тие работи.

„За жал, имаме премиер кој што е подготвен за таа функција да прави компромиси за се и сешто, како националната гордост, како што е химната за да не му направи проблеми на неговиот другар“, рече Мицкоски.

Кажа и дека граѓаните не се подготвени да го прифатат она погазување на националната гордост, препелкањето на Заев, доцнењето на авионот, па потоа на интервју да каже дека не сакал да му направи проблеми на гостинот од државата од каде што доаѓа.

„Заев прави компромис со националната гордост, тргува со националата гордост, со националното достоинство,што е недозволиво, а после ќе каже дека блескаме во светот во име на добрососедските односи, па чуму ни е нас нас пријател ако не не почитува“, заклучи Мицкоски.

 

.