Мицкоски очекува предвремени избори, бидејќи власта е делегитимирана

Македонија е преважна за мали соништа, стравот никогаш не ја гради иднината, но надежта ја гради. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја започна вечерашната прес-конференција откако неговата партија прогласи победи во голем број општини ширум Македонија.

Тој рече дека Македонија мора да се менува, а промените, како што вели, почнаа од денеска.

– Сите заедно за нова иднина, заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој сонуваме цели 30 години. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија дека ова е денот кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за обединување, за подобар живот, за подобар стандард. Ова е убедлива победа и ова е победа на народот на Македонија. Победивме во Битола со повеќе од 3.000 гласови разлика. Победивме во Брвеница, Василево, Вевчани, со повеќе од 2.000 гласови победивме во Гевгелија. Денеска, сосема случајно, цел Демир Хисар остана без струја, но и таму победивме. Победа имаме и во Зелениково. Конче е повторно со градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, а сакам да му ја честитам и победата во Кочани. Победивме како коалиција и во Кратово со повеќе од 1.000 гласови, а многу сум среќен што победивме и во Лозово. Вчера бев на кафе во Македонска Каменица, каде што исто така победивме. И Македонски Брод има нов градоначалник, а Охрид го добивме со повеќе од 4.000 гласови. Пехчево има нов градоначалник, а многу сум среќен што победивме и во Радовиш со над 2.000 гласови разлика. Победивме и во Ресен, во Чешиново и Облешево, а многу сум среќен што победивме и во Ранковце, каде што имаше брутален притисок од страна на власта. Коалициониот партнер Стевчо Јакимовски победи во Карпош, а особено голема е победата на Данела Арсовска во Град Скопје. Скопје е слободен град, исто како што и Македонија се ослободува од хибридниот режим – рече Мицкоски.

Успехот е можен затоа што вербата е сигурна, додаде тој.

– Благодарност до политичките партии коишто нè поддржаа како Алтернатива, Алијанса за Албанците, до Левица на Димитар Апасиев, затоа што сите заедно срушивме бариери и докажавме дека еден широк опозициски фронт е возможен. Покажавме дека и п0окрај разликите можеме да се обединиме околу една заедничка цел, а тоа е Македонија без корупција и Македонија со стабилен систем. Опозицискиот блок ќе донесе огромна победа на слердните парламентарни избори за кои е многу веројатно дека ќе бидат предвремени. Благодарност и до коалицијата ЛДП-ДОМ кои им дозволија на своите гласачи да гласаат по сопствено убедување. Денеска да се радуваме, но не треба премногу да славиме, оти сето она што се случуваше помеѓу двата круга на овие избори е нешто што не треба да го заборавиме. Насилното однесување, поткупот и уцените не треба да се заборават – истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им упати порака на идните градоначалници.

– Сакам да се обратам до идните градоначалници. Немојте ни за секунда да го разочарате народот. Заборавете на привилегиите и засукајте ги ракавите. Вашите фотељи заменете ги со терен и работа со граѓаните. Носење решенија на нивните проблеми. Заборавете на матни тендери и договори во четири очи. И никогаш не заборавајте од каде доаѓаме и од каде сме сите ние. Јас ќе бидам најостриот критичар доколку не успеете. Овој народ заслужи да види резултати. За секој мој збор кажан во кампањата ќе стојам до последната запирка. Борбата продолжува и нема запирање. Нашата борба и нашата победа е пораз на сите политики на власта. Имаме многу работа пред нас, не смееме да изневериме. Ова е огромна доверба и ние знаеме да ја почитуваме – порача Мицкоски.

Во однос на ново парламентарно мнозинство, додаде тој, оставете времето да ви одговори на многу работи.

– Власта е делигитимирана и таа е новата реалност од која очекувам со тек на времето да се манифестира во Собранието. Но, најдобро би било тоа да биде преку предвремени парламентарни избори. Сакам да се обратам лично до Зоран Заев. Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат следните чекори. Да се надмине себеси и да ја разбере конечно пораката, а тоа е дека треба да замине. Нема повеќе место за криминал, измами и порази за Македонија и народот. Би сакал да испратам порака и до оние луѓе во СДСМ кои ја имаат окупирано Македонија. Не треба само Заев да си оди, туку и заевизмот. Народе македонски, нема да ве разочарам затоа што сета ваша болка е и моја болка. Сите ваши разочарувања се и мои разочарувања. Мора да свртиме нова страница – истакна Мицкоски.

На новинарско прашање дали очекува оставка од Заев, тој рече:

– Мој совет до Заев е да си поднесе оставка и да си замине од политиката. Не само што Христијан тоа го сака, туку народот испрати јасна порака. Ова е историски резултат и затоа не треба тактизирање, туку треба да се донесат државнички одлуки. Еднаш треба да се послуша волјата на народот. ВМРО-ДПМНЕ одлучи во повеќе од 40 општини, ама одлучи и во Тетово и во Гостивар и во Дебар. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот на Македонија и секој треба да знае дека со ВМРО не треба да си игра. Ние имаме мнозинство гласови од народот и тоа е важно за нас, а за да има предвремени парламентарни избори треба да имаме и мнозинство во парламентот. Затоа, дозволете времето да одговори на сите дилеми. Една од тие дилеми е и кога ќе се случат предвремените избори. Ние го имаме мнозинството на народот и таа доверба не смееме да ја испуштиме. Мораме тоа да му го овозможиме на македонскиот народ – рече Мицкоски.