Мицкоски од Радовиш: Правда и закон мора да има, нема пакт со криминалот!

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата и носителот на ИЕ 4, Александар Николоски вечерва од Радовиш во кампањата “Исправи се Македонијо!’ порачаа дека со заокружување на бројот 14 граѓаните избираат обнова на Македонија. Мицкоски ги повика Радовишани да излезат на 15-ти јули и да гласаат против оваа ненародна власт предводена од Зоран Заев. Уште рано наутро, заедно да излеземе и да се обединиме, бидејќи Македонецот секогаш се обединувал кога било најтешко, рече Мицкоски.

-Пред нас се парламентарни избори, на кои што ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот и коалицијата за обнова на Македонија, е пред историски најголема победа која што ќе се случи на 15-ти јули. Урнавме политичари кои практично ја добија на тацна владата. Политичари кои тоа не го заслужија бидејќи ги загубија последните парламентарни избори одржани во 2016-та година. Впрочем, не можам да се сетам на ни една парламентарна победа на СДСМ последниве 18 години. Така ќе биде и после 15-ти јули. И така СДСМ ќе биде со цели 22 години без победа. Ја клекнаа Македонија на колена, а овие луѓе се практично на власт незаслужено. Секаде каде што поминуваме низ државата, луѓето велат, не сакаме да живееме во ваква држава. Не сакаме вакви луѓе да ја водат нашата држава. Затоа велам, во оваа борба најголем мотив ми е мојот народ, македонскиот народ, рече од говорницата Мицкоски.

Од таму Мицкоски порача дека ВМРО-ДПМНЕ се бори и ќе се бори за просперитетна држава која припаѓа на сите граѓани. Држава која под еден кров ќе ги собере и оние кои се десни и оние кои се леви и во центарот, политички определени и неопределени, и Македонци, Власи, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци и сите обесправени, омаловажени, покрадени, потчинети и излажани.

-Ние втора држава немаме. Тука сме се родиле тука сме се радувале, тука сме тагувале. И токму вреди оваа жртва која заедно со нас, која што ние заедно со народот рамо до рамо ја правиме, за да ја победиме оваа трогодишна пандемија предизвикана од СДСМ предводена од Зоран Заев, а потоа да си ги засукаме ракавите и да си ја обновиме државата. Наместо да ја понижуваат нашата Македонија, да и ја виткаат кичмата и да ја парчат и распарчуваат, требаше да направат нешто, но тие ниту можеа ниту сакаа. Не донесоа ниту правда, ниту мир. Но, наместо правда ни донесоа Луј Витон куферче. А наместо мир, донесоа немир во душите на многумина. Во душите на родителите на оние кои ги дадоа животите во Диво Насеље, на родителите на децата од Смилковско, а пред изборите во 2016-та им ветуваа дека ќе ја дознаеле вистината. Патриотите денеска се судат и лежат по зандани по 15, 16 и повеќе години. Ете таква правда донесе Зоран Заев во државата, рече Мицкоски.

По победата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ доаѓаат подобри години за државата посочи Мицкоски.

-Јас ви ветувам дека веднаш после 15-ти јули после формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, правда и закон мора да се почитува во целата држава и сите ќе одговарате од прв до последен. Нема пакт со криминалот, порача Мицкоски.

На крајот Мицкоски пред жителите говореше за програмата и проектите на ВМРО-ДПМНЕ, на која работеле многу професори, доктори, научници, правници како домашни така и странски, и која ќе се спроведува веднаш чим Коалицијата за обнова дојде на власт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.